Граѓаните и компаниите кои планираат да вршат плаќања за време на претстојниот викенд треба навреме да ги организираат своите обврски, бидејќи можно е дел од банкарските услуги привремено да бидат недостапни. Сите банки во земјава ќе ги приспособуваат своите системи заради воведувањето нови стандарди во денарскиот платен промет, кои стапуваат во сила од понеделник, 9 ноември.
Од Македонската банкарска асоцијација информираат дека во текот на техничките активности може да дојде до привремени прекини или ограничувања во користењето на одредени услуги, пред сè оние поврзани со платежните трансакции.
Промените се однесуваат на новите правила за платните налози, шифрите за целта на плаќањето, како и на користењето на платежните сметки во ИБАН-формат. Техничките прилагодувања се неопходни за да се обезбеди непречено функционирање на платниот промет по почетокот на примената на новите стандарди.
Од Асоцијацијата посочуваат дека времето на евентуалните прекини, услугите што ќе бидат засегнати и нивното времетраење ќе зависат од секоја банка поединечно. Затоа, клиентите се повикуваат редовно да ги следат известувањата од своите банки и навреме да ги реализираат плаќањата што не можат да ги одложат.
Важна информација за корисниците е дека броевите на постојните платежни сметки остануваат исти. Промената ќе се однесува на нивниот приказ и користење во ИБАН-формат преку електронското и мобилното банкарство.
Новите стандарди почнуваат да се применуваат од 9 ноември, а претстојниот викенд ќе биде искористен за подготовка и усогласување на банкарските системи.