Македонија

ФОТО Сузбиена петчлена криминална група во Куманово, четворица приведени

ФОТО Сузбиена петчлена криминална група во Куманово, четворица приведени

Пет лица од Куманово се осомничени за изнуда и перење пари, а четворица од нив се лишени од слобода во координирана полициска акција спроведена под раководство на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Според истрагата, групата наводно користела фиктивни договори за заеми, недвижности и возила за да изнудува пари и да прикрива финансиски трансакции.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека акцијата била спроведена на 5 ноември од страна на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал. Слободата им била одземена на Д.П. (37), Л.К. (73), М.К. (27) и Д.Ж. (43), сите од Куманово, додека петтиот осомничен, З.Р. (35), е недостапен за органите на прогонот.

Денеска, 6 ноември, против петте лица е поднесена кривична пријава за кривичните дела „изнуда“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“.

Во рамки на акцијата биле извршени претреси на шест локации во Куманово, при што биле пронајдени и одземени договори за заеми со нереално високи камати, документи за солемнизација на недвижен имот, поголема сума пари, патнички возила, мобилни телефони и други електронски уреди.

Според досегашните сознанија на истрагата, осомничениот Д.П. во 2021 година формирал група со цел вршење кривични дела. Во еден од случаите, во 2023 година, оштетено лице побарало од него заем од 4.000 евра, со договор средствата да ги врати во рок од еден месец и со камата од 2.500 евра.

Иако, според пријавата, оштетениот го вратил договорениот износ, Д.П. наводно побарал да ја користи неговата банкарска сметка за фиктивни уплати и повлекувања на пари. Потоа започнал да му упатува закани и барал негово возило да биде ставено како наводен залог за идни фиктивни долгови, кои требало да послужат како покритие за трансферите на парични средства.

Истрагата упатува на сомневања дека по налог на Д.П. бил изготвен фиктивен договор за купопродажба на возилото, со фалсификуван потпис на оштетеното лице. Во истата адвокатска канцеларија, наводно, бил составен и договор за заем од еден милион денари, кој бил заверен во нотарска канцеларија.

Врз основа на фиктивниот договор за купопродажба била извршена промена на сопственоста на возилото на име на З.Р., а била издадена и нова регистарска табличка. Во однос на наводниот долг од еден милион денари, врз основа на спорниот документ била поведена постапка за извршување, по што на оштетеното лице му била блокирана банкарската сметка.

Во друг случај опфатен со истрагата, друго оштетено лице во два наврати позајмило вкупно 180.000 денари од Д.П. За заемите биле склучени два договора со Л.К. и Д.П. Иако парите биле вратени, осомничениот наводно побарал дополнителна исплата на камата.

Од МВР посочуваат дека истрагата е поврзана со сомневања за организирано изнудување и прикривање на незаконски стекнати средства.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни