Заканите за поставени бомби, кои во изминатите денови предизвикаа вознемиреност во воздушниот сообраќај низ Европа, добија нова димензија откако мета на дојави станаа и медиумски куќи во Ирска и Обединетото Кралство.
Поради закана испратена преку електронска пошта, денеска беше евакуирана зградата на ирскиот јавен радиодифузен сервис РТЕ. За време на безбедносните проверки, телевизијата продолжила со емитување однапред снимени содржини, додека радиопрограмата се емитувала во живо од мобилно студио.
Од РТЕ соопштиле дека безбедноста на вработените е приоритет и дека очекуваат редовното работење да продолжи што е можно поскоро, по консултациите со полицијата.
Закани преку електронска пошта добиле и други медиумски организации во Ирска и Велика Британија. Сепак, според досега достапните информации, не во сите случаи било потребно да се евакуираат објектите.
Ирскиот премиер Мајкл Мартин потврди дека полицијата и војската ги истражуваат дојавите. Тој оцени дека сè уште е рано да се утврди дали зад заканите стои поединец или организирана група.
Сепак, Мартин посочи дека серијата закани насочени кон медиумите и воздушниот сообраќај укажува на можни координирани активности.