Зајакнување на граничната безбедност, борбата против криумчарењето мигранти и справувањето со сајберкриминалот беа во фокусот на учеството на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на Министерскиот форум ЕУ – Западен Балкан, кој се одржа во Будва, Црна Гора.
На средбата со министрите од регионот и претставниците на европските институции, Тошковски порача дека Македонија веќе презема значителен дел од одговорноста за европската безбедност и дека нејзиниот придонес треба соодветно да биде препознаен и поддржан од Европската Унија.
Говорејќи за миграциските предизвици, министерот ја истакна стратешката позиција на земјата на балканската миграциска рута и активностите на македонската полиција за спречување на нелегалната миграција и разбивање на мрежите за криумчарење луѓе.
Според податоците што ги презентираше, во првите десет месеци од 2026 година биле регистрирани 29 проценти повеќе обиди за нелегално преминување на државната граница во споредба со истиот период лани. Во тој период биле откриени и 23 случаи на криумчарење мигранти, во кои биле опфатени вкупно 144 лица, а кривичен прогон бил преземен против 38 сторители.
„Македонија не чека да стане членка на Европската Унија за да се однесува одговорно кон европската безбедност. Ние таа одговорност веќе ја преземаме преку нашата гранична полиција, заедничките операции со Фронтекс и борбата против криумчарските мрежи“, истакна Тошковски.
Тој посебно ја нагласи соработката со Фронтекс. Заедничката операција со македонската полиција, која започна на јужната граница во 2023 година, во август годинава беше проширена и на северната граница, а во тек се подготовките за нејзино проширување и на западната граница.
Тошковски оцени дека досегашните резултати ја потврдуваат подготвеноста на Македонија да презема одговорност во заштитата на европските граници, но побара и натамошна техничка, кадровска и финансиска поддршка од ЕУ. Тој се осврна и на усогласувањето со европските политики за миграција и азил, посочувајќи дека земјата има речиси целосна усогласеност со европската визна политика.
На форумот се разговараше и за безбедносните закани во дигиталниот простор, меѓу кои сајберкриминалот, интернет-измамите и злоупотребата на криптовалутите и вештачката интелигенција за криминални цели.
„Криминалот веќе функционира без граници. Нашиот одговор мора да биде подеднакво поврзан, брз и ефикасен“, порача министерот.
Како еден од чекорите за подобрување на капацитетите на МВР го посочи формирањето на специјализирано Одделение за истраги за злоупотреби на деца на интернет и истраги од отворени извори, кое има надлежност на национално ниво. Целта е зајакнување на заштитата на децата од сексуална експлоатација во дигиталниот простор.
Тошковски повика на поинтензивна соработка меѓу земјите од Западен Балкан и европските институции, побрза размена на информации и електронски докази, како и поголеми вложувања во дигиталната форензика и современите аналитички алатки.
Во рамки на посетата на Будва, министерот оствари и билатерална средба со извршната директорка на Агенцијата на Европската Унија за азил (EUAA), Нина Грегори. На средбата биле разгледани можностите за продлабочување на соработката, усогласување на националното законодавство и институционалните практики со европските стандарди во областа на азилот и меѓународната заштита.
Посебен акцент бил ставен на јакнењето на административните и оперативните капацитети, размената на експертиза и продолжувањето на заедничките активности за поефикасен систем за азил.