Угостителските објекти во Скопје ќе добијат посебен термин за одлагање на отпадот, кој ќе може да се фрла до 1 часот по полноќ. Новината следува по измените на Одлуката за комунален ред, усвоени на последната седница на Советот на Град Скопје, по иницијатива на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Од Градот објаснуваат дека посебниот термин е утврден поради специфичното работно време на рестораните, кафулињата и другите угостителски објекти, како и поради видот и количината на отпад што го создаваат.
Целта на измената е да се намали оптоварувањето на контејнерите наменети за домаќинствата, кои често се преполнуваат поради отпадот од угостителските објекти.
Од Град Скопје информираат дека ЈП „Комунална хигиена“ веќе работи на склучување договори со угостителите, преку кои тие ќе добиваат сопствени контејнери. За собирањето и подигнувањето на отпадот ќе плаќаат согласно ценовникот на претпријатието.
Градските власти посочуваат дека подобрувањето на системот за управување со отпадот е поврзано и со набавката на 3.300 нови контејнери. Со нив се заменуваат оштетените и дотраените садови, а истовремено се зголемува бројот на места за правилно одлагање на сметот.
Според Градот, новите контејнери, заедно со специјализираните комунални возила, треба да придонесат за поефикасно собирање на отпадот и подобра јавна хигиена во главниот град.
Претходно, на 1 април, беше донесена одлука со која угостителските објекти, рестораните, локалите, баровите, канцелариите, пазарите и трговските субјекти се задолжени да склучат договор со ЈП „Комунална хигиена“ за собирање и транспорт на отпадот. Предвидена е и обврска за селектирање на отпадот на местото каде што се создава, во посебни садови што не се наменети за домаќинствата.
За станбените објекти, од ноември минатата година важи правилото сметот да се одлага во периодот од 6 до 22 часот. За непочитување на оваа одредба е предвидена казна од 50 евра, додека со најновата измена се утврдува посебен временски термин за угостителските објекти.