Постапката за случајот „Државна лотарија“ нема да продолжи според првично предвидениот распоред, откако денешното рочиште во Основниот кривичен суд Скопје беше одложено. Новиот термин за продолжување на судењето е закажан за 11 ноември.
На обвинителна клупа во овој предмет се поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, поранешниот директор на АД „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, и уште шест лица.
Последното рочиште се одржа на 30 октомври, кога сведочеше Андреј Крстевски, советник за имплементација на проекти во „Државна лотарија“. Тој претходно бил член на Управниот и Надзорниот одбор, како и заменик-директор на претпријатието.
Во своето сведочење се осврна на начинот на кој се носеле одлуките во претпријатието и постапката за набавка на ВЛТ-терминалите. Одговарајќи на прашања на обвинителството, Крстевски рече дека за идејата бил информиран лично од Бајрами, додека за спроведената постапка дознал откако таа веќе била завршена, од членови на комисиите задолжени за нејзино спроведување.
Во меѓувреме, на 3 ноември, Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје му го укина притворот на Бајрами и ја прифати понудената гаранција во недвижен имот во вредност од 1.140.781 евро. Покрај тоа, му се определени мерки на претпазливост, меѓу кои одземање на патната исправа и редовно јавување во судот.
Покрај Груби и Бајрами, обвинети во предметот се и Башким Авди, Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски и Александар Димитриоски.
Според обвинението, осумтемина со пречекорување на службените овластувања предизвикале штета на АД „Државна лотарија“ во износ од 596.125.511 денари. Сите обвинети во досегашниот тек на постапката се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.
Обвинението го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски, а судењето го води судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски.