Вкупно 43 возачи на товарни возила биле санкционирани во Скопје при засилена сообраќајна контрола спроведена од полицијата, при што најчестите утврдени прекршоци се однесувале на неисправни светлосни уреди и неизложени знаци за ограничување на брзината.
Контролата ја спровело Одделението за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје на 5 ноември, во периодот од 9 до 16 часот. Акцијата била насочена кон откривање неправилности при управувањето со товарни моторни возила, со посебен акцент на претовар, неправилно сместен товар и техничка неисправност на возилата.
Од вкупно 43 изречени санкции, седум се однесувале на неисправни светлосни уреди, девет на неизложени знаци за ограничување на брзината, а 16 на други видови сообраќајни прекршоци.
Полицијата евидентирала и два случаи на претовар на товар, шест прекршоци за неносење соодветна опрема, како и едно технички неисправно возило поради неисправен уред за запирање.
Дополнително, санкциониран е еден возач кој управувал товарно возило без соодветна категорија, како и еден кој не застанал на знак „стоп“ даден од униформиран полициски службеник.
Од МВР информираат дека засилените сообраќајни контроли ќе продолжат и во наредните денови, а упатија апел до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите за поголема безбедност на патиштата.