Повторни пријави за поставени бомби предизвикаа нова безбедносна интервенција на меѓународниот аеродром во Прага. Чешката полиција денеска извршила проверки на девет летови, при што биле ангажирани пиротехничари и специјално обучени кучиња.
Според информациите, заканите се однесувале на авиони што пристигнувале од Велика Британија, Шпанија и Данска, како и на летови што требало да полетаат од Прага кон Холандија, Романија, Италија, Велика Британија и Кипар.
„Денес беше повторена заканата дека голем број авиони што полетуваат од или слетуваат на аеродромот во Прага биле поставени со експлозиви. Во соработка со аеродромот во Прага, ги презедовме потребните безбедносни мерки со минимално нарушување на нормалното работење на аеродромот“, соопшти чешката полиција.
Портпаролката на аеродромот „Вацлав Хавел“, Дениса Хејтманкова, за чешката новинска агенција ЧТК изјавила дека заканите опфатиле четири авиони на летови кон Прага и пет авиони што требало да полетаат од чешката престолнина.
Според неофицијални информации објавени од порталот „Новинки“, станува збор за летови кон повеќе европски дестинации.
Ова е втора ваква безбедносна интервенција во Прага за краток период. Во четвртокот полицијата, заедно со пиротехничари и специјално обучени кучиња, проверувала авиони на четири летови од Даблин, Глазгов, Атина и Њукасл, како и делови од аеродромскиот терминал. Тогаш биле пријавени закани со бомби за вкупно 21 лет низ Европа.