Македонија

По фемицидот во Богданци, граѓански протест во Скопје: „Ниту една повеќе!“

По фемицидот во Богданци, граѓански протест во Скопје: „Ниту една повеќе!“

Граѓански протест против фемицидите, институционалното насилство и неказнивоста ќе се одржи во недела, на 8 ноември, со почеток во 12 часот во паркот „Жена Борец“ во Скопје. Протестот го организира неформалната иницијатива „Ниту една повеќе!“, составена од активистки и активисти, по последниот случај на фемицид во Богданци, каде животот го загуби 17-годишната Билјана Кириќ.

Од иницијативата оценуваат дека убиството на девојката повторно ги отвора прашањата за институционалното непостапување, задоцнетите реакции и недоволната заштита на жените и девојките од насилство. Посочуваат дека Билјана претходно пријавила насилство и закани по живот, а биле изречени и мерки за заштита, но сепак била убиена од својот партнер.

„Рамајана, Росица, Танкица, Ивана, Катја, Билјана. Уште колку имиња треба да научиме за институциите да почнат да ја преземаат својата одговорност?“, прашуваат организаторите.

Тие реагираат дека по секој фемицид следуваат ветувања и институционални соопштенија, но жените и понатаму се жртви на насилство. Според нив, убиствата на жени не смеат да се третираат како изолирани трагедии или љубовни драми, ниту институционалното непостапување да се прифаќа како нормална појава.

Протестниот марш ќе започне од паркот „Жена Борец“, ќе продолжи покрај Собранието и Министерството за правда, а ќе заврши пред Министерството за образование и наука.

Организаторите бараат целосна и транспарентна истрага за убиството на Билјана Кириќ и утврдување одговорност за секој институционален пропуст. Меѓу барањата се и итно доставување и усвојување на законските измени за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, кои, како што наведуваат, биле поднесени во Собранието во август.

Дополнително, бараат враќање на поимот род во сите закони, упатства и програми од кои бил избришан, како и разрешување од јавни и раководни функции на лицата кои повикуваат на контрола врз жените или го оправдуваат и нормализираат насилството.

„Не бараме сочувство. Бараме одговорност“, порачуваат од иницијативата „Ниту една повеќе!“.

Организаторите нагласуваат дека протестот е граѓански и не е простор за партиска промоција. Ги повикуваат политичките партии своите канали и институционални механизми да ги искористат за исполнување на барањата, но посочуваат дека партиски претставници, обележја, знамиња и настапи не се добредојдени.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни