Македонија

Нови детали за кумановската група: Двајца во ефективен притвор, еден во куќен – на нотарот му е одземен пасошот

Нови детали за кумановската група: Двајца во ефективен притвор, еден во куќен – на нотарот му е одземен пасошот

Основниот кривичен суд Скопје одреди мерки за обезбедување присуство за четворица осомничени во истрагата за кумановската криминална група, која се товари за злосторничко здружување, перење пари и изнуда. Двајца од нив добија ефективен притвор, еден е во куќен притвор, додека на четвртиот му се одредени мерки на претпазливост, меѓу кои и одземање на патната исправа.

Од Судот информираат дека судија на претходна постапка ги прифатил предлозите на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција по сослушувањето на осомничените во присуство на нивните бранители.

Притвор им е одреден на Д.П. и М.К. поради опасност од бегство, можност за повторување или довршување на кривичното дело, како и ризик од попречување на истрагата преку влијание врз сведоци.

За Л.К. е определен куќен притвор, додека на Д.Ж. му е одземен пасошот и му е изречена забрана за издавање нова патна исправа со која би можел да ја премине државната граница.

Во случајот е опфатен и нотар, кој се сомничи за несовесно работење во службата. Според информациите од истрагата, преку неговата канцеларија биле заверувани договори со фалсификувани потписи, поврзани со заеми и купопродажби меѓу членовите на групата и оштетените лица. На нотарот, на предлог на обвинителството, му е одземен пасошот.

Со истрагата е опфатено и уште едно лице кое во моментов е недостапно за органите на прогонот. Од Обвинителството претходно информираа дека осомничениот извесен период се наоѓа во странство, а според последните информации сè уште не е распишана меѓународна потерница по него.

Според наводите на обвинителството, групата ги започнала незаконските активности во 2021 година, а ја формирал жител на Куманово, кој е првоосомничен во истрагата. Членовите, како што се сомничи, со закани изнудувале пари од граѓани, најчесто искористувајќи ја нивната финансиска зависност по претходно земени заеми.

Во истрагата се опфатени и случаи во кои за заем од 4.000 евра на оштетено лице му биле барани дополнителни 2.500 евра камата.

Од Судот информираат дека против решенијата за определување мерки странките имаат право на жалба до кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни