Студентите ќе можат да аплицираат за една од вкупно 3.000 стипендии за студиската 2026/2027 година, откако Министерството за образование и наука го објави новиот конкурс со изменет модел на распределба на финансиската поддршка. Новина оваа година е воведувањето посебни категории за студенти со попреченост и студенти со ретки болести, како и дополнителна поддршка за оние кои се образуваат во области од стратешко значење за државата.
Од вкупниот фонд, 1.200 стипендии се наменети за социјална поддршка. Во рамките на оваа категорија, за првпат се издвојуваат по 50 стипендии за студенти со попреченост и за студенти со ретки болести.
Од МОН велат дека со новиот модел се настојува да се обезбедат поеднакви можности за образование и академски развој, преку препознавање на различните потреби на студентите.
Дополнително, предвидени се 1.050 стратешки стипендии за студенти кои се запишани на студиски програми од особено значење за развојот на земјата. На листата се математиката, физиката, хемијата, земјоделството, шумарството, наставната биологија и рударството, согласно одлуката на Националниот совет за високо образование и научноистражувачка дејност од 3 ноември 2026 година.
Целта на оваа категорија е да се поттикне интересот кај младите за овие професии и да се обезбеди стручен кадар за потребите на општеството и економијата.
Останатите 750 стипендии се наменети за студенти со висок академски успех, кои имаат просечна оценка од најмалку 8,50 и редовно ги исполнуваат студиските обврски.
Месечниот износ на стратешките стипендии е 18.000 денари, додека студентите кои ќе добијат стипендија за социјална поддршка или за висок академски успех ќе добиваат по 6.050 денари. Средствата ќе се исплаќаат во период од девет месеци во текот на студиската година.
Од Министерството нагласуваат дека вкупниот број стипендии останува 3.000, но со новиот модел поддршката се распределува во согласност со различните социјални потреби, академските резултати и потребите на државата за одредени стручни кадри.
Пријавувањето е исклучиво електронско, преку порталот e-uslugi.mon.gov.mk, а конкурсот е отворен од 6 до 20 ноември 2026 година.
Во тек е и пријавувањето за 15 стипендии за студенти во прва година на студиски програми по македонски јазик, како и конкурсот за поврат на средства за купен музички инструмент за академската 2026/2027 година.