Македонија

Народната банка ги олеснува ограничувањата за клиентите на „Алта банка“: Од понеделник шалтери и во Тетово и Струмица

Народната банка ги олеснува ограничувањата за клиентите на „Алта банка“: Од понеделник шалтери и во Тетово и Струмица

Клиентите на „Алта банка“ од Тетово и Струмица од понеделник, 9 ноември, ќе можат да подигнуваат готовина и во шалтерите што ќе бидат отворени во овие градови. Ова е дел од новиот пакет олеснувања што ги најави гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, со кои се проширува пристапот до средствата на граѓаните и се зголемуваат можностите за користење на банкарските услуги.

Граѓаните кои немаат платежни картички на шалтерите во Тетово и Струмица ќе можат да подигнат до 20.000 денари. Со цел да им се олесни пристапот и на клиентите од Прилеп, Ресен и Охрид, Народната банка ќе организира автобуски превоз до филијалата на „Алта банка“ во Битола, каде што ќе можат да ги подигнат пензиите и социјалната помош.

Второто олеснување се однесува на корисниците на платежни картички. Од следната недела неделниот лимит за подигнување готовина и плаќање на продажни места се зголемува од 10.000 на 15.000 денари.

Промени има и кај идните приливи од плати, пензии и социјални трансфери. Граѓаните ќе можат да ги повлекуваат во целост средствата што ќе пристигнуваат од институции и компании кои имаат сметки во други банки, без ограничување на износот. Тоа значи дека клиентите нема да мора да отвораат платежна сметка во друга банка за да располагаат со овие средства.

Во меѓувреме, исплатата на средствата за клиентите кои немаат платежни картички продолжува според утврдениот распоред. Филијалата во Битола работи во две смени, а ќе биде отворена и во сабота, на 7 ноември. Исплатата на социјалната помош започна денеска.

Според податоците што ги соопшти Славески, денеска во експозитурата во Битола биле услужени околу 660 клиенти. Просечниот износ што го повлекле граѓаните вчера изнесувал околу 19.000 денари, а денеска околу 16.000 денари, што се објаснува со пониските износи на социјалните трансфери.

Од Народната банка повторуваат дека „Алта банка“ продолжува да работи, не е во стечај и не ѝ е одземена дозволата за работа. Администрацијата е привремена мерка што ќе се применува до промена на сопственоста. Според централната банка, банката е ликвидна и висококапитализирана, а средствата на клиентите остануваат на нивните сметки.

Привремените ограничувања се однесуваат на начинот на располагање со средствата и, како што објаснуваат од Народната банка, се воведени за зачувување на ликвидноста и заштита на интересите на штедачите.

Народната банка најавува дека продолжува да ја следи состојбата и да ги приспособува мерките, со приоритет да им се овозможи на граѓаните непречен пристап до нивните средства.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни