Македонија

Нови олеснувања за клиентите на „Алта банка“: Автобуски превоз за пензионерите од три града

Нови олеснувања за клиентите на „Алта банка“: Автобуски превоз за пензионерите од три града

Клиентите на „Алта банка“ од повеќе градови ќе добијат дополнителни можности за пристап до своите пари, а Народната банка најавува и зголемување на лимитите за користење на платежните картички. Гувернерот Трајко Славески соопшти дека мерките се воведуваат постепено, со цел да им се олесни располагањето со средствата на граѓаните по воведувањето администрација во банката.

За граѓаните од Ресен, Прилеп и Охрид, во сабота, на 7 ноември, ќе биде организиран автобуски превоз до филијалата на „Алта банка“ во Битола, каде што ќе можат да ги подигнат пензиите и социјалната помош.

„Неколку часа филијалата на Алта банка во Битола е празна, услужени се сите приматели на социјална помош и оние пензионери кои не извадиле претходно пензија. Утре, 7 ноември, НБРМ за да им излезе во пресрет на оние граѓани од Ресен, Прилеп и Охрид, ќе организира автобуски превоз до филијалата на Алта банка АД Битола“, изјави Славески.

Од понеделник, 9 ноември, шалтери ќе бидат отворени и во Тетово и Струмица, каде што клиентите без платежни картички ќе можат да подигнат до 20.000 денари.

Дополнително, неделниот лимит за подигнување готовина и плаќања со платежните картички ќе се зголеми од 10.000 на 15.000 денари.

Третото олеснување се однесува на идните приливи од плати, пензии и социјални трансфери што ги исплаќаат институции и компании со сметки во други банки. Граѓаните ќе можат да ги повлекуваат овие средства во целост, без ограничување на износот, поради што нема да имаат потреба да отвораат сметка во друга банка.

Гувернерот информираше и дека експертски тимови работат деноноќно на софтверските решенија за да им се овозможи на компаниите од следната недела да ги исплаќаат платите на вработените пред истекот на рокот за исплата.

Филијалата во Битола работи во две смени, а денеска биле услужени околу 660 граѓани. Таа ќе биде отворена и во сабота.

Славески повтори дека „Алта банка“ продолжува да работи и дека администрацијата е привремена мерка. Според него, банката е ликвидна и високо капитализирана, а мерките се насочени кон зачувување на нејзината ликвидност и заштита на интересите на клиентите.

Тој појасни дека пензиите биле исплатени уште пред почетокот на месецот, поради што дел од пензионерите веќе ги подигнале средствата, додека актуелните олеснувања се однесуваат и на другите видови приходи.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни