Балкан

Вучиќ: Решително и храбро ќе се борам против оние кои не ѝ мислат добро на Србија

Вучиќ: Решително и храбро ќе се борам против оние кои не ѝ мислат добро на Србија

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, порача дека решително и храбро ќе се бори до последен здив против оние кои, според него, не ѝ мислат добро на земјата и кои постојано работеле на нејзино уривање.

На работниот состанок со општинските и градските одбори на Српската напредна партија (СНС) во Војводина, што се одржува во Сремска Митровица, Вучиќ рече дека по објавувањето на изборните резултати на 25 октомври, и покрај сè што било направено во земјата, од зголемувањето на платите и пензиите до инфраструктурниот развој, одлучил да не ја покажува разочараноста.

„Можеби мислиш дека е неправда, но Бог го избрал тој пат. Единствено што ми беше важно во тој момент беше оние најлошите во Србија, кои не ѝ мислат добро на земјата и постојано работеа на нејзино уривање, ниту за секунда да не видат колку ми е тешко, туку само мојата насмевка. Единствено што ќе можат да почувствуваат е мојата решителност и храброст до последен здив да се борам против оние кои ни ја уриваа државата“, изјави Вучиќ.

Тој посочи дека бил длабоко трогнат кога влегол во салата и ги видел, како што ги нарече, храбрите и горди луѓе кои не се откажуваат од своите идеи, идеологија и политичка определба, и покрај, според него, револуционерниот терор и силните притисоци.

Вучиќ им се заблагодари на партиските активисти за нивната работа и поддршка во изминатите години, нагласувајќи дека нема да ги заборави тешкотиите и ударите со кои се соочувале, како однадвор, така и одвнатре.

Вучиќ обвини за „револуционерна правда“ и прогон на активисти на СНС

Осврнувајќи се на постизборните случувања, Вучиќ ја критикуваше, како што ја нарече, „револуционерната правда“ на студентската листа, тврдејќи дека таа функционира според принципот дека не е дозволено да се изнесуваат поинакви ставови.

Тој рече дека победниците на изборите, според неговото толкување, почнале да владеат уште вечерта на 25 октомври, кога, како што тврди, започнале тепања и прогони на луѓе по улиците.

Како пример го посочи Ниш, каде што, според него, осум активисти на СНС добиле притвор иако не направиле ништо противзаконско. Вучиќ тврди дека тие само се расправале со лица кои ги провоцирале од другата страна на улицата, додека ниту еден од учесниците во блокадите не бил приведен.

Тој го спомена и Уб, каде што, според неговите зборови, група лица од Лазаревац дошла со палки со намера да ги нападне активистите на СНС. Вучиќ тврди дека деветмина негови сопартијци биле приведени, додека лицата кои наводно дошле со палки не биле ниту испитани ниту приведени.

СНС најави вонредно собрание на 13 декември

Работниот состанок во Сремска Митровица се одржува во деловно-спортскиот центар „Пинки“, а на него присуствуваат партиски функционери и голем број активисти.

Покрај Вучиќ, на состанокот се присутни и претседателот на СНС, Милош Вучевиќ, како и партиските функционери Маја Гојковиќ и Бранислав Недимовиќ.

Учесниците го пречекале Вучиќ со громогласен аплауз и скандирање „Ацо Србине“.

Вучевиќ на почетокот на состанокот најави дека на 13 декември ќе се одржи вонредно собрание на СНС, на кое ќе се избира новото партиско раководство.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни