Лекарите од Кумановската болница предупредуваат дека рак на дојка сè почесто откриваат и кај пациентки помлади од 40 години. Апелираат на редовни контроли и навремено испитување на забележаните промени.
Во Кабинетот за дојка и мамографија, преку системот „Мој термин“, дневно се прегледуваат до осум жени. Дополнително се примаат и пациентки на кои им е потребна итна дијагностика.
Доктор Биљали посочува дека најголем дел од заболувањата на дојките со кои се среќаваат се бенигни, но дека се откриваат и нови случаи на карцином. Тој препорачува контролите да започнат од 35-годишна возраст, особено кај жени со генетски предиспозиции.
Како промена што треба да биде повод за лекарски преглед ја издвојува безболната грутка во дојката, која пациентката може самата да ја забележи при допир.
„Тогаш веднаш треба пациентот да се обрати кај матичниот лекар и тој да го препрати до нашето одделение и да се направат сите испитувања“, вели Биљали.
Тој објаснува дека дијагностичките испитувања вклучуваат ехосонографија и мамографија. Меѓу промените на кои укажува се и вовлекувањето на брадавицата и промените на кожата на дојката.
Лекарите ја нагласуваат важноста жените да ги забележуваат промените на своите дојки и навреме да побараат преглед. Воедно посочуваат дека современата мамографска технологија овозможува преглед со намалена доза на зрачење и апелираат стравот да не биде причина за одложување на потребната дијагностика.