Македонија

Андоновски: Уште 20 институции ќе преминат на електронско управување со документи

Андоновски: Уште 20 институции ќе преминат на електронско управување со документи

Уште 20 институции во наредните три месеци ќе бидат приклучени на централниот систем за електронско управување со документи и електронска архива, најави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски. Целта, како што посочи, е административните предмети да се обработуваат електронски низ целата постапка, од приемот до потпишувањето и архивирањето.

На прес-конференцијата посветена на Извештајот на Европската комисија за 2026 година, Андоновски истакна дека Комисијата констатирала добар напредок во поглавјето 10 — Дигитална трансформација и медиуми. Според него, нивото на подготвеност на земјава во оваа област првпат е подигнато од умерено на ниво меѓу умерена и добра подготвеност.

Министерот издвои пет области: електронските услуги, размената на податоци меѓу институциите, електронското управување со документи, сајбер-безбедноста и вештачката интелигенција.

Според податоците од извештајот што ги презентираше, до крајот на август на националниот портал биле достапни 338 услуги, вклучително и делумно електронски. Андоновски нагласи дека следната цел е повеќе постапки да можат да се завршат целосно електронски, од поднесувањето барање до добивањето документ.

Тој посочи дека дигитализацијата треба да го намали времето што граѓаните го трошат на шалтери, патувањето до други општини и дополнителните трошоци за административни постапки.

„Институциите мора да разменуваат податоци, а не граѓаните документи“, порача Андоновски.

Според бројките што ги изнесе, месечниот обем на трансакции на платформата за размена на податоци меѓу институциите се зголемил од 700.000 во 2024 година на 1,4 милиони во 2025 и на 5,2 милиони во 2026 година.

Министерот побара институциите активно да се поврзуваат со системите и да ги приспособуваат постапките, нагласувајќи дека граѓаните не треба да бидат посредници меѓу две државни институции.

Во однос на електронското управување со документи, Андоновски рече дека до крајот на јуни системот го користеле 44 институции. Објасни дека поднесувањето електронско барање само по себе не е доволно ако документот потоа се печати, се пренесува од канцеларија во канцеларија или чека физички потпис. Системот треба да овозможи следење на предметите и појасна одговорност за постапувањето.

За сајбер-безбедноста, министерот посочи дека Европската комисија го нотирала воспоставувањето на владиниот тим за одговор на компјутерски инциденти, како и вложувањата во платформа за одговор и стручни капацитети. Најави продолжување на инвестициите во обуки, препознавање на заканите и координирано постапување.

Андоновски соопшти и дека Владата и Министерството вложуваат повеќе од 90 милиони денари во проектот „Везелка“, координиран од ФИНКИ. Според него, проектот ја поврзува земјава со европскиот екосистем за вештачка интелигенција преку партнерството со „Фарос“ и треба да отвори можности за истражувачи, студенти и компании, како и за примена на технологијата во јавната администрација.

Министерот најави и натамошен развој на дигиталниот паричник, со кој дел од документите и јавните услуги стануваат достапни преку мобилен телефон.

Тој нагласи дека преостанатите препораки на Европската комисија ги прифаќаат како работни обврски и дека следниот фокус ќе биде на примената на законите, поедноставувањето на постапките и поширокото користење на заедничките системи.

Според Андоновски, успехот на дигитализацијата треба да се мери преку секојдневното искуство на граѓаните: помалку одење по шалтери, побрзи постапки и безбедни услуги.

Ноќно студио

Најнова епизода

Што се случува со „Алта банка“? Ноќно студио со Кирил Миноски

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни