Од понеделник, 9 ноември, клиентите на „Алта банка“ АД Битола ќе имаат олеснет пристап до средствата преку повисок неделен лимит за користење на платежните картички и отворање шалтери во Струмица и Тетово. Народната банка најави и можност новите приливи од плати, пензии и социјални трансфери да се повлекуваат во целост, доколку доаѓаат од институции или компании со сметки во други банки.
Неделниот лимит за подигање готовина и плаќање на продажни места со картичките на банката се зголемува од 10.000 на 15.000 денари. За клиентите без платежни картички, исплатата на шалтерите е до 20.000 денари за период од две недели.
Во Битола шалтерите работат трет ден, а утрово пред филијалата немало поголеми гужви и задржувања. Средства подигнувале и пензионери и приматели на социјална помош.
Организиран е бесплатен превоз за овие категории клиенти од други градови. Утрово пристигнал првиот автобус од Прилеп, а во текот на денот биле најавени и пристигнувања од Охрид и Ресен.
Дел од граѓаните кои ги подигнале средствата велат дека постапката завршила брзо.
„Брзо завршивме, за пари си вадев, ги извадив и одма завршив“, изјави еден од клиентите.
Според податоците соопштени од Народната банка, во првиот ден од работењето на шалтерите биле услужени 556 корисници, со просечен износ на повлекување од 19.000 денари. Вчера, кога почнала исплатата на социјалната помош, биле услужени 660 нејзини корисници.
Најавеното целосно повлекување на новите приливи се однесува на плати, пензии и социјални трансфери уплатени од други банки. Тоа не значи укинување на ограничувањата за сите средства што клиентите веќе ги имаат на сметките.
Народната банка нагласува дека „Алта банка“ Битола продолжува да работи, не е во стечај и не ѝ е одземена дозволата за работа. Во банката е воведена привремена администрација, а според оценката на регулаторот, таа е ликвидна и високо капитализирана.