Македонија

Охрабрувачки резултати од Шар Планина – забележани здрави стада дивокози и млади единки

Охрабрувачки резултати од Шар Планина – забележани здрави стада дивокози и млади единки

Националниот парк „Шар Планина“, во соработка со Македонското еколошко друштво (МЕД), го спроведе првото организирано пребројување на дивокозите во строго заштитеното подрачје Лешница. Првичните резултати покажуваат охрабрувачка состојба на популацијата, со забележани здрави стада и млади единки.

Истражувањето било спроведено во трите долини на Лешница, каде што поволните временски услови овозможиле детално набљудување на животните во нивното природно живеалиште. Регистрирани се дивокози од различна возраст и пол, а присуството на подмладок се оценува како позитивен показател за опстанокот и размножувањето на видот.

Од Националниот парк информираат дека резултатите се совпаѓаат со досегашните теренски набљудувања на ренџерската служба, како и со снимките од фотозамките поставени во изминатите месеци.

Покрај дивокозите, фотозамките регистрирале и присуство на предатори, кои имаат значајна улога во одржувањето на природната рамнотежа. Собраните информации ќе бидат искористени и во рамки на Програмата за мониторинг на балканскиот рис, која МЕД ја реализира со партнери од земјава и регионот.

Иако дивокозата е исклучително приспособена на стрмните и тешко пристапни планински терени, експертите предупредуваат дека овој животински вид е чувствителен на човечкото вознемирување, поради што зачувувањето на неговите природни живеалишта е од особено значење.

Со своите 109 врвови повисоки од 2.000 метри, пространите пасишта, карпестите предели и шумите, Шар Планина обезбедува поволни услови за опстанок на дивокозата и други диви животни.

Од Националниот парк најавуваат дека, доколку дозволат временските услови, пребројувањето ќе продолжи и во други делови на планината.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни