Основниот суд во Кочани го одби барањето на Ива Михајлова да учествува преку видеоконференциска врска од Бугарија на судењето за сообраќајната несреќа на патот Штип–Кочани, во која загина 33-годишниот Бесим Дурмиши од Љуботен. Обвинетата не се појави во судницата.
Судијата Спиро Борисов образложил дека Законот за кривична постапка предвидува ваква можност за испитување сведоци и вештаци, но не и за обвинети лица.
Михајлова претходно изјавила дека нејзиниот адвокат поднел молба за онлајн учество на рочиштето.
„Мојот адвокат поднесе молба јас да можам да учествувам онлајн оттука. Очекуваме да видиме дали обвинителството и судот ќе ја прифатат нашата молба и јас да се вклучам онлајн“, рекла таа.
Обвинителството побарало вештачење на медицинската документација за нејзината здравствена состојба.
Одбраната ја оспорува вината на Михајлова и тврди дека располага со материјални докази според кои таа се движела во својата сообраќајна лента, а другото возило навлегло во неа. Нејзините бранители и натаму очекуваат да биде овозможено учество преку видеоконференција.
На рочиштето присуствувале членови на семејството на загинатиот Дурмиши, како и претставници од адвокатската канцеларија на бранителот Никола Димитров.
Во меѓувреме, продолжува истрагата за бегството на Михајлова. По нејзиното бегство била распишана меѓународна потерница, а Судот во Кочани ѝ определил 30-дневен притвор.