Копретседателот на ВЛЕН, Изет Меџити, остро реагираше на ставовите на лидерот на ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, во врска со можноста правосудниот испит да се полага и на албански јазик.
Во дебатната емисија „Verdict“ на МРТ2, Меџити го обвини Димитриевски дека до неодамна го промовирал граѓанскиот концепт, додека сега, според него, застапува ултранационалистички ставови и се заканува со напуштање на Владата.
„Ако му пречи албанскиот јазик, Куманово е двојазично и треба да ја напушти градоначалничката функција. Ако му пречи албанскиот јазик, таблата пред Владата е на македонски и на албански јазик, па тогаш неговите министри не треба да бидат во Владата. Ако му пречи албанскиот јазик, Собранието е двојазично и неговите пратеници не треба да бидат во Собранието. Затоа, ова го гледам како предизборна активност и политички фолклор од негова страна“, изјави Меџити.
Тој нагласи дека можноста за полагање на правосудниот испит на албански јазик произлегува од политички договор, кој, според него, за првпат во историјата на државата отвора простор за полагање на испитот и на албански јазик.
Меџити посочи дека и премиерот го окарактеризирал ова прашање како политички договор, нагласувајќи дека ваква можност досега не постоела.