Едно лице загина, а повеќе се повредени во верижни сообраќајни несреќи со над 50 патнички и товарни возила на автопатот „Тракија“, во близина на бугарскиот град Јамбол, јавува NOVA. Автопатот е затворен во двата правца, а спасувачките екипи се обидуваат да стигнат до луѓето заглавени во возилата.
Несреќите се случиле во вторникот наутро, меѓу клучките „Зимница“ и „Кабиле“, во услови на густа магла и значително намалена видливост. Според главниот инспектор Тодор Мишинев од полицијата во Јамбол, меѓу возилата што се судриле има и цистерни.
„Има заглавени луѓе во автомобилите. Во моментов приоритет се спасувачките активности. Откако ќе завршат, ќе бидат спроведени и истражните дејства“, изјави Мишинев.
Седум повредени се пренесени во болницата во Јамбол. Заменик-директорот Валентин Валчев соопшти дека пациентите се во тешка состојба, со повеќекратни повреди, и се згрижени во шок-собата
Мобилизирани се сите расположливи екипи за реанимација, хирургија и трауматологија. Бидејќи болницата нема оддел за неврохирургија, пациентите на кои им е потребна таква помош ќе бидат пренесени во други здравствени установи.
Пристапот до повредените е отежнат поради блокираните коловозни ленти. Ангажирани се екипи за отстранување на заштитните огради за да се овозможи пристап на спасувачките служби. Според Валчев, густата магла го отежнува и евентуалното слетување на хеликоптер.
Обласниот управител Георги Чалаков најави свикување кризен штаб, а активиран е и системот за предупредување BG-Alert.
Според објавеното предупредување, првата несреќа се случила нешто по 7 часот, на 289. километар во правец кон Бургас. Набргу потоа следувал уште еден судир во истиот реон, а неколку минути подоцна се судриле возила и во правец кон Софија.
Според најавите на надлежните, автопатот ќе остане затворен во двата правца во текот на целиот ден. Сообраќајот се пренасочува по обиколни патишта, а главната алтернативна маршрута води преку клучката „Карнобат“, патот I-6 кон „Петолачката“, Сливен, патот II-53 и клучката „Крушаре“. Сообраќајот го регулираат полициски екипи.
Кон местото на несреќите се упатиле и високи претставници на бугарското Министерство за внатрешни работи, како и министерката за здравство.