Португалија презеде вонредни мерки во пресрет на силната атлантска бура „Чарлс“, поради која денеска се затворени речиси сите училишта во земјата, а прекината е и работата на јавните служби кои не се од суштинско значење.
Улиците во повеќе делови од земјата се речиси празни, откако владата ги повика граѓаните да останат во своите домови и да избегнуваат непотребно движење. Се очекуваат обилни врнежи од дожд, силни бранови и налети на ветер со брзина до 140 километри на час.
Ова е првпат Португалија поради најавена бура да ја прекине наставата во сите училишта на национално ниво. Станува збор за околу 8.000 образовни установи.
Мерките ги опфатија и трговските и деловните активности. Еден од најголемите синџири супермаркети во земјата ги затвори своите продавници, додека меѓународната технолошка конференција во Лисабон, на која требало да присуствуваат околу 70.000 луѓе, ги откажа сите активности планирани за денеска.
Бурата се очекува најсилно да ја погоди атлантската обала во попладневните и вечерните часови, пристигнувајќи од југозапад. Претходно, во вторникот, невремето го зафати португалскиот остров Мадеира, каде што биле регистрирани ветрови со брзина до 130 километри на час.
Најавата за новото невреме доаѓа во период кога португалската влада се соочува со критики поради справувањето со бурата „Кристин“, која во јануари го погоди централниот дел на земјата. Тогаш беа соборени илјадници дрвја, а беше предизвикана и голема материјална штета на објекти, чие санирање сè уште трае.
Токму искуството со претходното невреме дополнително ја зголеми загриженоста за последиците од бурата „Чарлс“, поради што властите ги повикаа граѓаните да ги почитуваат препораките и да останат на безбедно.