Над 23 милиони денари даночни обврски не биле пресметани, пријавени и платени, поради што Управата за финансиска полиција поднела кривична пријава против три физички лица и едно правно лице кое е во стечај. Случајот се однесува на финансиски трансакции и непријавени приходи во текот на 2022 и 2023 година.
Од Управата за финансиска полиција информираат дека кривичната пријава е доставена до Основното јавно обвинителство Скопје, поради сомнение за сторено кривично дело „Даночно затајување“ од член 279 од Кривичниот законик.
Според пријавата, првопријавениот Т.П., во својство на ополномоштено лице, заедно со второпријавената З.П., сопственик и управител на правното лице, преземале дејствија со намера да стекнат противправна имотна корист за себе и за компанијата.
Во периодот од 2022 до 2023 година, како што наведуваат од Финансиската полиција, биле подигнати 8.912.345 денари од сметката на правното лице без соодветно покритие. Дополнително, не биле евидентирани позајмици кон физички лица во вкупен износ од 21.742.806 денари како непризнаени расходи за даночни цели.
Во даночниот биланс за 2023 година, според наводите во пријавата, не биле прикажани ниту застарени обврски во вредност од 148.489.312 денари како приходи. Исто така, пријавените неосновано присвоиле трговска стока евидентирана на залиха, чија вредност изнесувала 14.937.751 денари, без притоа да ги подмират соодветните даночни обврски.
Со овие дејствија, според Финансиската полиција, биле избегнати плаќања на данок на личен доход, данок на добивка и данок на додадена вредност во вкупен износ од 23.252.988 денари, со што бил оштетен државниот буџет.