Граѓаните треба да бидат внимателни при добивање пораки со барања за плаќање сообраќајни казни, бидејќи измамници користат лажни известувања поврзани со системот „Безбеден град“ за да дојдат до лични и банкарски податоци. Министерството за внатрешни работи предупредува на зголемен број вакви обиди за измама преку СМС-пораки, електронска пошта и социјалните мрежи.
Од МВР информираат дека станува збор за таканаречени фишинг-измами. Граѓаните добиваат пораки во кои се известуваат дека наводно направиле сообраќаен прекршок и треба да платат казна преку приложен линк.
Со отворање на линкот, корисниците се пренасочуваат кон лажни интернет-страници на кои од нив се бара да внесат лични информации и податоци од платежни картички. Овие податоци потоа може да бидат злоупотребени од измамниците.
Министерството апелира граѓаните да не отвораат сомнителни линкови и да не внесуваат броеви од платежни картички, лозинки или други лични податоци на непроверени веб-страници. Особено се предупредува да не се вршат уплати преку линкови добиени во сомнителни пораки.
Од МВР посочуваат дека постојат јасни показатели според кои може да се препознае официјалното известување за прекршок регистриран преку системот „Безбеден град“.
Официјалните СМС-пораки се испраќаат од испраќачот „MVR-SC“, задолжително ја содржат регистарската ознака на возилото со кое е направен прекршокот, а линкот води до официјалната интернет-страница со домен safecountry.mvr.gov.mk.
Во меѓувреме, Секторот за компјутерски криминал презема мерки и активности за откривање и санкционирање на лицата кои стојат зад овие измами.
МВР повторно апелира до граѓаните да ги проверуваат испраќачите и интернет-адресите пред да преземат каква било активност и да не споделуваат чувствителни податоци преку непроверени линкови.