Македонија

Димитриеска-Кочоска: За случајот АЛТА банка треба да говорат фактите и доказите, а не шпекулациите

Димитриеска-Кочоска: За случајот АЛТА банка треба да говорат фактите и доказите, а не шпекулациите

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска ги отфрли наводите за вмешаност на Министерството за финансии во случајот со АЛТА банка Битола, посочувајќи дека законските надлежности на институциите се јасно разграничени. Таа нагласи дека контролата над банките, издавањето и одземањето дозволи за работа и преземањето надзорни мерки се одговорност на Народната банка како независна институција.

Димитриеска-Кочоска ова го истакна на денешната собраниска надзорна расправа посветена на причините за воведување привремена администрација во АЛТА банка Битола, постапувањето на Народната банка и институционалната одговорност.

Според министерката, во изминатиот период во јавноста биле изнесени повеќе тврдења за наводна вмешаност на Министерството за финансии, поради што, како што рече, потребно е да се направи јасна разлика меѓу законските надлежности и политичките толкувања.

„Кога станува збор за вакви сериозни прашања, должни сме да правиме разлика меѓу факти и политички интерпретации, меѓу документи и претпоставки, како и меѓу институционална одговорност и политичка конструкција. Институционалната одговорност не се утврдува со гласноста на обвинувањето, туку со надлежноста и со доказите“, истакна министерката.

Таа објасни дека Министерството за финансии е надлежно за управувањето со јавните финансии, спроведувањето на фискалната политика, фискалната стабилност и одржливоста на јавниот долг. Во неговиот делокруг е и подготовката на законската регулатива во областа на финансискиот систем, вклучително и банкарскиот сектор.

Од друга страна, Народната банка е институцијата што го следи работењето на банките, ја оценува исполнетоста на законските услови за стекнување квалификувано учество и одлучува за преземање надзорни и корективни мерки со цел заштита на стабилноста на банкарскиот систем.

Министерката посочи дека банкарскиот сектор е еден од најстрого регулираните сегменти на економијата поради неговото значење за довербата на граѓаните, сигурноста на нивните депозити и стабилноста на целокупната економија.

Одлуките во оваа област, според неа, мора да се носат врз основа на законските прописи, стручните процени и утврдените процедури.

Димитриеска-Кочоска нагласи дека Министерството за финансии останува отворено за сите прашања што се во рамките на неговите законски надлежности и е подготвено да ги презентира релевантните информации и документи.

Ноќно студио

Најнова епизода

Кој ги следи студентите? Ноќно студио со Анастасија Павловска 10.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни