Кашлица, висока температура, болки во грлото, отежнато дишење и општа слабост се најчестите симптоми поради кои граѓаните периодов бараат лекарска помош. Со почетокот на сезоната на вируси и грип, здравствените установи во Куманово бележат зголемен број пациенти со респираторни инфекции.
Зголемен обем на работа имаат матичните лекари, но и Ургентниот центар при кумановската болница, каде што сè почесто пристигнуваат пациенти со влошена здравствена состојба.
Најголем ризик од компликации имаат хронично болните лица, особено оние со респираторни и кардиоваскуларни заболувања, како и децата.
Лекарот Никола Стефановски од Ургентниот центар во Куманово посочува дека кај пациентите најчесто се јавуваат покачена телесна температура, болки во мускулите и зглобовите, затнат нос и болки во грлото. Кај лицата со астма и хронични белодробни заболувања се забележуваат и потешкотии со дишењето.
Здравствените работници апелираат граѓаните навреме да побараат медицинска помош, особено доколку симптомите се влошуваат.
Како една од најефикасните мерки за заштита од сезонскиот грип се препорачува вакцинацијата. За Куманово и соседните општини се обезбедени 1.600 дози вакцини, а за развивање на имунолошка заштита по вакцинацијата потребни се околу две недели.
Дека бројот на заболени расте покажуваат и податоците на Институтот за јавно здравје, според кои во Куманово во изминатата недела биле регистрирани 24 случаи на грип.
Лекарите советуваат редовно миење на рацете, проветрување на затворените простории и избегнување близок контакт со заболени лица. Дополнително, препорачуваат разновидна исхрана, доволно сон, одмор и умерена физичка активност.
Посебно внимание се препорачува за повозрасните, хронично болните и децата, кај кои респираторните инфекции можат да предизвикаат посериозни здравствени компликации.