Македонија

„Инженерска алхемија и селективно вештачење“ – градежен експерт со остри критики за одбраната на сопственикот на „Пулс“

„Инженерска алхемија и селективно вештачење“ – градежен експерт со остри критики за одбраната на сопственикот на „Пулс“
Фото: Марио Андоновски / 4NEWS.mk

Сериозни пропусти, селективно толкување на фактите и погрешни стручни заклучоци. Вака градежниот експерт и декан на Градежниот факултет, Горан Марковски, го оцени вештачењето презентирано од одбраната на Дејан Јованов, сопственикот на дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Марковски, кој е вештак ангажиран од Јавното обвинителство, смета дека во анализата на одбраната биле земени предвид само околностите што одат во прилог на обвинетиот, додека биле занемарени важни градежни и законски аспекти.

Според него, нема дилема дека градежните интервенции извршени во објектот претставувале реконструкција, за која биле неопходни соодветна документација, проект и одобрение од надлежните институции.

„Причината за трагедијата и сржта на проблемот лежат во генетскиот состав на градбата на објектот и непочитувањето на законската регулатива. Дали може без одобрение на надлежниот орган, без проект и без спроведена постапка оваа судница да ја пренамениме во дискотека? Секако дека не може!“, изјави Марковски.

Тој го опиша вештачењето на одбраната како „инженерска алхемија“ и „стручна самодисквалификација“, оценувајќи дека содржи бројни недостатоци кои ја доведуваат во прашање неговата стручна издржаност.

Родителите на жртвите, пак, сметаат дека преку ваквото вештачење одбраната се обидува да ја намали или релативизира одговорноста за трагедијата во Кочани.

Судската постапка продолжува со сослушување сведоци предложени од одбраната на првообвинетиот Дејан Јованов. Најавено е сведочење на 16 лица, меѓу кои вработени во општината, Министерството за внатрешни работи и противпожарната служба.

Нивните искази се очекува да дадат дополнителни информации за постапките, дозволите и институционалниот надзор поврзани со работењето на дискотеката „Пулс“.

Судот допрва треба да ја оцени доказната вредност на спротивставените вештачења и останатите докази во постапката.

Ноќно студио

Најнова епизода

Кој ги следи студентите? Ноќно студио со Анастасија Павловска 10.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни