Сведокот Драган Василески, виш инспектор за економски криминалитет во ОВР Пробиштип, на денешното судско рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ изјави дека полициските службеници Мартин Арсовски и Дарко Милошевски, кои се меѓу обвинетите во предметот, не биле однапред информирани дека ќе учествуваат во контрола на објектот, ниту им биле соопштени конкретните задачи што треба да ги извршуваат во Кочани.
Одговарајќи на прашања на одбраната, Василески посочи дека на 14 март 2026 година добил наредба од тогашниот началник на ОВР Пробиштип да предложи двајца инспектори кои следната вечер ќе бидат ангажирани на подрачјето на ОВР Кочани.
Според неговото сведочење, ниту тој, ниту Арсовски и Милошевски знаеле какви службени активности ќе извршуваат. Им било кажано во 20:30 часот со службено возило да пристигнат на бензинска пумпа во Кочани, каде што требало да ги пречекаат полициски службеници од локалното одделение.
Василески нагласи дека на двајцата инспектори не им било наложено да носат униформи, ниту биле запознаени со евентуални ризици или со постоењето оперативен план за акциската контрола. Тој додаде дека службениците од ОВР Пробиштип не учествувале во подготовката и организацијата на акцијата.
Сведокот рече дека пред трагедијата воопшто не слушнал за дискотеката „Пулс“, а според него, истото важело и за обвинетите Арсовски и Милошевски.
Говорејќи за разговорите со колегите по пожарот, Василески посочи дека тие првично биле распоредени на други локации во Кочани и околината, а подоцна добиле задача да учествуваат во контролата на дискотеката.
Според информациите што му ги пренеле, околу 2:30 часот по полноќ Арсовски и Милошевски, заедно со полициски службеници од ОВР Кочани, влегле во објектот за да проверат лице за кое постоело сомнение дека поседува наркотични средства.
Василески рече дека при прегледот била пронајдена материја за која се сомневале дека е дрога. Инспекторите му пренеле дека проверката се одвивала во близина на тоалетите, а при излегувањето забележале дека гостите почнуваат да го напуштаат објектот и дека настанува метеж.
Во паузата од судењето, во име на родителите на загинатите се обрати Александар Наунов, кој рече дека секое рочиште за семејствата значи повторно преживување на трагедијата.
Тој изрази незадоволство од сведочењата и одговорите што ги слушаат во судницата, посочувајќи дека се зборува за усни наредби, недоволна информираност и префрлање на одговорноста.
Наунов праша дали е професионално да се спроведува акција без соодветна информираност и координација меѓу полициските служби, како и дали подобра организација и навремено постапување можеле да спречат дел од трагичните последици.
„Дали навремена координација, професионално постапување и организирање коридор за евакуација можеле да спасат животи“, праша тој, додавајќи дека семејствата ги преживуваат најтешките моменти од својот живот.
Судењето се однесува на пожарот што избувна на 16 март 2025 година во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а повеќе лица беа повредени. Во предметот се обвинети 13 полициски службеници. Обвинителството тврди дека тие не постапиле согласно своите службени обврски и акцискиот план поврзан со работата на дискотеката.