Откупот на годинешната реколта тутун ќе започне на 16 ноември, една недела пред законскиот рок, а производителите со неизвесност го очекуваат стартот на предавањето на родот. Главните прашања за тутунарите се колкава ќе биде откупната цена и дали таа ќе ги покрие зголемените трошоци за производство.
Земјоделците стравуваат дека може да се соочат со слично сценарио како производителите на пиперки, јаболка и грозје, кои претходно реагираа на ниските откупни цени. Од Сојузот на тутунарски здруженија, пак, очекуваат годинава просечната цена да достигне од 440 до 450 денари за килограм, што е повеќе од ланските 420 денари.
Претседателот на Сојузот, Кире Ристевски, вели дека очекува целиот род да се откупува во прва класа, како што било практика во изминатите неколку години. Според него, фактот што сè уште нема анекси на договорите за промена на цените по класи укажува дека и годинава откупот би можел да се реализира на ист начин.
За откуп на тутунот досега се пријавиле 10 откупувачи, а предавањето на родот ќе се одвива на 324 ваги. Според проценките на тутунарите, годинешната реколта тежи околу 26 милиони килограми, додека откупувачите излегуваат со процена од 28 милиони килограми. Разликата од два милиони килограми засега останува необјаснета.
Министерот за земјоделство, Борче Серафимовски, по средбата со производителите во прилепскиот регион најави дека просечната откупна цена се очекува да биде повисока од ланските 420 денари за килограм, но не прецизираше колкаво би било зголемувањето.
Дополнително, тој најави субвенции од 80 денари за килограм тутун од прва класа, 70 денари за втора и 60 денари за трета класа. Ова отвори прашања кај производителите, особено во однос на најавите од Сојузот дека целиот род би се откупувал како прва класа.
Според министерот, тутунопроизводството опфаќа околу 18.000 земјоделски стопанства, а извозот на тутун и производи од тутун носи годишен девизен прилив од 140 до 150 милиони евра. Тој порача дека мерките за поддршка ќе се приспособуваат на пазарните движења и дека производителите навреме ќе добиваат информации за побарувачката и условите за откуп.
Најавите за цена повисока од 420 денари ги критикуваше и поранешниот координатор на новоформираните тутунски здруженија, Игор Мирчески. Според него, најавената сума е недоволна во однос на квалитетот на тутунот и вложениот труд.
Незадоволство изразуваат и самите производители, кои посочуваат дека трошоците за производство значително пораснале. Тутунарот Панче Митрев укажа дека лани литар нафта чинел околу 70 денари, додека годинава достигнал 100 денари, а поскапеле и другите производствени материјали и потреби.
Дел од земјоделците сметаат дека откупната цена треба да достигне најмалку 10 евра за килограм. Тие предупредуваат дека не сакаат тутунопроизводството да ја доживее судбината на другите земјоделски култури, наведувајќи ги ниските откупни цени на ајварската пиперка, индустриското јаболко, грозјето и житото.