Македонија

Две години затвор за екс директорот на РЕК „Битола“ – штета од 2,9 милиони евра во тендер тежок 11 милиони

Две години затвор за екс директорот на РЕК „Битола“ – штета од 2,9 милиони евра во тендер тежок 11 милиони

Поранешниот директор на РЕК „Битола“, Пеце Матевски, е осуден на две години затвор поради злоупотреба на службената положба и овластување во постапка за јавна набавка вредна над 11 милиони евра. Пресудата денеска ја изрече Основниот суд Битола, а случајот се однесува на тендер за ископ на јаловина во периодот од 2022 до 2023 година.

Според обвинението, при спроведувањето на јавната набавка била фаворизирана битолската компанија „Рудкоп“, додека од постапката била елиминирана скопската компанија „Гранит“. Обвинителството тврдеше дека на овој начин на РЕК „Битола“ ѝ била причинета штета од 178,3 милиони денари, односно околу 2,9 милиони евра.

Судскиот совет, со кој претседаваше судијата Горан Димовски, утврди кривична одговорност и кај дел од останатите обвинети.

Членовите на Стручната комисија, Димитар Петковски, Благојче Ѓорѓиевски и Тони Ангелевски, добија условни затворски казни од по една година. Казните нема да се извршат доколку во рок од две години од правосилноста на пресудата не сторат ново кривично дело.

Условни казни им беа изречени и на Александра Маџевска-Сараќинчева, Аземина Учкан и Добрила Јордановска, вработени во Бирото за јавни набавки во Скопје. Ним им се утврдени затворски казни од по осум месеци, со рок на проверка од една и пол година.

Од друга страна, судот ги ослободи од обвинение Снежана Макаријоска, Анита Кузевска и Љупчо Стефановски, членови на Комисијата за јавни набавки, оценувајќи дека обвинителството не доставило доволно докази за нивната вина.

Во однос на финансиската штета, судот го упати оштетеното правно лице АД ЕСМ своето имотно-правно побарување да го оствари преку граѓанска постапка.

Истовремено, останува во сила мерката за замрзнување на 3,5 милиони евра на сметките на компанијата „Рудкоп“ Битола, во сопственост на бизнисменот Кирил Билјановски.

Средствата ќе останат замрзнати до правосилното завршување на кривичната постапка, освен доколку судот во меѓувреме не донесе поинаква одлука.

Пресудата е неправосилна.

Ноќно студио

Најнова епизода

Продажба или стечај за Алта банка? Ноќно студио со Славко Лазовски 12.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни