Со силни емоции, болка и револт, родителите на загинатите во трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани повторно побараа одговорност од институциите, обвинувајќи дека во судницата, наместо конкретни одговори, слушаат оправдувања, префрлање вина и повикување на усни наредби.
Во јавно обраќање, родителите посочуваат дека секое ново судско рочиште за нив значи повторно преживување на кобната ноќ во која ги загубија своите деца.
„Вчера на рочиште во Идризово, денес повторно во судница. За нас, родителите, секое рочиште е повторно преживување на кобната ноќ. Во главите ни одекнуваат криците на нашите деца, нивниот страв, очајот и молбите за помош“, наведуваат родителите.
Тие реагираат на информациите изнесени во судницата дека полициските службеници од Пробиштип не биле запознаени со целта и точките на акциската контрола.
„Дали е професионално да се спроведува акција без соодветна информираност и координација на службите? Кој требало да знае, кој требало да постапи и кој ја презел одговорноста?“, прашуваат родителите.
Во своето обраќање споделуваат и потресно сведоштво од мајка на една од повредените девојки, која раскажала дека нејзината ќерка, во моментите на хаосот и уривањето на ѕид од гипс-картон, слушнала дете како исплашено повикува:
„Тетко, многу сум исплашен!“
Родителите велат дека ваквите сведоштва дополнително ја продлабочуваат нивната болка и ги отвораат прашањата дали со навремена реакција, подобра координација и организирана евакуација можеле да бидат спасени човечки животи.
„Додека вие барате оправдувања, ние во мислите ги слушаме последните крици на нашите деца. Вие имате право на одбрана. Нашите деца немаа право на втора шанса!“, порачуваат тие.
Особено остри критики упатуваат кон постапувањето на полицијата, нагласувајќи дека нејзината основна задача е спречување трагедии и заштита на човечките животи.
„Полицијата не е погребална хроника! Нејзината должност е да спречува трагедии и да спасува животи, а не по трагедијата да објаснува кој не знаел, кој не бил информиран и кој не бил надлежен“, се наведува во реакцијата.
На крајот, родителите упатуваат директно прашање до оние од кои бараат одговорност: „Имате ли барем трошка совест?“
Тие потсетуваат дека трагедијата во „Пулс“ однесе 63 човечки животи, оставајќи зад себе исто толку семејства со ненадоместлива загуба и доживотна болка.