Македонија

Радев повторно ја нападна Македонија: „Нема промена во односот кон Бугарите“ – прашањето го носи пред Советот на Европа

Радев повторно ја нападна Македонија: „Нема промена во односот кон Бугарите“ – прашањето го носи пред Советот на Европа

Бугарскиот премиер Румен Радев повторно упати критики кон македонските власти, обвинувајќи ги дека нема подобрување во односот кон бугарската заедница во земјава. Тој најави дека ова прашање повторно ќе го отвори пред генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе.

Радев, кој учествува на Самитот на Европската политичка заедница во Даблин, изјави дека состојбата со правата на Бугарите во Македонија останува едно од прашањата што редовно ги покренува на меѓународно ниво.

„Ќе имам средба со генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе. Тоа е многу важна средба, бидејќи ние треба да помагаме и сите европски држави да придонесуваме Советот на Европа сè повеќе да се зацврстува како гарант на демократијата, човековите права и владеењето на правото“, изјави Радев.

Тој најави дека и овојпат ќе го постави прашањето за положбата на бугарската заедница во Македонија, тврдејќи дека македонските власти не преземаат доволно чекори за подобрување на состојбата.

„Повторно ќе ја отворам темата за која разговараме секојпат, а тоа е дека нема промена во односот на властите на Република Северна Македонија кон нашите сонародници во оваа земја. Напротив, проблемите се продлабочуваат“, порача бугарскиот премиер.

Изјавата на Радев доаѓа во услови на продолжени несогласувања меѓу Скопје и Софија околу прашањата за правата на бугарската заедница и обврските поврзани со европскиот интеграциски процес на Македонија.

Со најавената средба со Берсе, Радев повторно го пренесува прашањето за положбата на Бугарите во Македонија на меѓународно ниво, овојпат во рамките на Советот на Европа.

Ноќно студио

Најнова епизода

Продажба или стечај за Алта банка? Ноќно студио со Славко Лазовски 12.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни