Кај 25 од вкупно 145 тестирани граѓани е откриен дијабетес за кој претходно не знаеле. Ова се резултатите од акцијата за мерење на шеќерот во крвта, организирана од млади лекари, кои уште еднаш ја отворија темата за важноста на навременото откривање на болеста и редовните превентивни прегледи.
Здравствените работници предупредуваат дека голем број пациенти дознаваат дека имаат дијабетес тип 2 дури откако ќе се појават сериозни здравствени компликации.
Директорот на Клиниката за ендокринологија посочи дека дијабетесот тип 2 е поврзан со значителен дел од компликациите кај пациентите, поради што неопходни се редовни скрининзи и поголема вклученост на здравствените институции во раното откривање на заболувањето.
Министерот за здравство Арбен Клековски предупреди дека покаченото ниво на шеќер во крвта не смее да се игнорира, бидејќи ненавременото лекување може да доведе до сериозни последици по здравјето.
Според него, современите терапии треба да придонесат за намалување на ризикот од тешки бубрежни и кардиоваскуларни компликации кај пациентите со дијабетес.
Клековски нагласи дека превенцијата започнува со едноставни чекори, како редовно контролирање на телесната тежина, следење на индексот на телесна маса и навремена проверка на нивото на шеќер во крвта.
Министерот го посочи и сопствениот пример, откривајќи дека има индекс на телесна маса од 33, што спаѓа во категоријата дебелина од прв степен и претставува фактор на ризик за развој на дијабетес тип 2.
Тој порача дека секој граѓанин треба да преземе лична одговорност за сопственото здравје и дека справувањето со дијабетесот не треба да се сведува само на обезбедување лекови, туку и на навремена превенција и промена на животните навики.
Според презентираните податоци, во Македонија има околу 135 илјади регистрирани пациенти со дијабетес, од кои 44 илјади примаат инсулинска терапија.
Резултатите од тестирањето покажуваат колку е значајно навременото откривање на болеста, особено затоа што дијабетесот тип 2 може да се развива со години без изразени симптоми.
Здравствените работници апелираат граѓаните редовно да го контролираат шеќерот во крвта, особено оние со зголемена телесна тежина, семејна историја на дијабетес или други фактори на ризик.