Македонија

Ќе поскапат ли струјата и парното? ЕСМ ја задржува цената, Владата најавува мерки за заштита на граѓаните

Ќе поскапат ли струјата и парното? ЕСМ ја задржува цената, Владата најавува мерки за заштита на граѓаните

Државната компанија ЕСМ нема да бара зголемување на цената на електричната енергија што ја продава на ЕВН Хоум. Владата подготвува нов бизнис модел со кој ќе се обиде да спречи поголемо поскапување на струјата, а се најавуваат и мерки за ублажување на евентуалниот раст на цената на парното греење.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека ЕСМ ќе ја задржи досегашната понудена цена од 65 евра за мегават-час, додека конечната цена што ќе ја плаќаат граѓаните ќе зависи и од останатите фактори и одлуките на надлежните институции.

Според него, изминатите денови Владата и раководството на ЕСМ работеле на нов финансиски модел, кој треба да овозможи стабилно работење на компанијата без зголемување на цената на електричната енергија што ја испорачува.

„Направивме еден бизнис план со кој нема да бараме покачување на цената на струјата. Производот ќе биде по иста цена“, изјави Мицкоски.

Премиерот посочи дека целта е ЕСМ да ја заврши 2027 година со позитивен финансиски резултат, и покрај предизвиците на енергетските пазари.

Сепак, неизвесно останува со какви ценовни предлози ќе излезат приватните енергетски компании и како тие ќе влијаат врз конечните сметки на домаќинствата.

Мицкоски предупреди и на состојбата на европските берзи, наведувајќи дека цената на електричната енергија достигнала 400 евра за мегават-час, додека природниот гас, според неговите информации, надминал 90 евра за мегават-час, што е трипати повеќе во споредба со истиот период минатата година.

Поради ваквите движења, Владата најавува можни интервенции и во секторот за топлинска енергија, со цел да се спречи поголем удар врз семејните буџети.

Граѓаните на Скопје кои користат централно греење веќе плаќаат повисоки сметки од 1 август, откако Регулаторната комисија за енергетика одобри поскапување на топлинската енергија од 3,6 до речиси 6 проценти, зависно од операторот.

Иако ЕСМ најавува задржување на цената по која ја продава струјата, тоа не значи автоматски дека нема да има промени во крајната цена за домаќинствата. Конечната одлука ќе зависи од регулаторната постапка и од трошоците на останатите учесници во снабдувањето.

Засега не се соопштени конкретните механизми со кои Владата би интервенирала кај цената на парното, ниту колкаво евентуално поскапување би можело да се очекува.

Ноќно студио

Најнова епизода

Продажба или стечај за Алта банка? Ноќно студио со Славко Лазовски 12.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни