Зголемен број пријави за семејно насилство во Македонија, додека надлежните најавуваат нови законски мерки за побрза интервенција и поголема заштита на жртвите. Во првите десет месеци од годинава полицијата регистрирала 1.897 настани поврзани со семејно насилство, а поднесени се 1.450 кривични пријави за вкупно 1.489 кривични дела.
Според податоците на Министерството за внатрешни работи, бројот на кривични пријави е зголемен за 50 проценти. Од МВР оценуваат дека ваквиот раст делумно се должи на поголемата свесност кај жртвите и нивната подготвеност да побараат институционална заштита.
Статистиката за последните пет години покажува дека над 91 процент од сторителите се мажи. Од вкупно 5.890 евидентирани жртви, дури 4.658 се жени, додека во просек околу 100 деца годишно се жртви на семејно насилство.
Во меѓувреме, внатрешната контрола на МВР не утврдила пропусти во полициското постапување во случајот во Богданци, каде што на 3 ноември беа пронајдени мртви 21-годишно момче и 17-годишна девојка. Момчето претходно било пријавувано, а минатиот месец против него биле поднесени кривични пријави за телесна повреда и загрозување на сигурноста.
Со цел спречување вакви случаи и навремена заштита на потенцијалните жртви, во собраниска процедура е доставен нов предлог-закон за спречување и заштита од семејно насилство.
Една од клучните новини предвидува полицискиот службеник, доколку процени дека постои ризик, да може веднаш да издаде усна наредба за отстранување на потенцијалниот сторител од домот во траење од 48 часа, без разлика на тоа кој е сопственик на имотот.
Наредбата ќе треба да биде доставена и во писмена форма во рок од шест часа, а за преземената мерка ќе биде известен и надлежниот суд.
Предлог-законот предвидува и воведување електронски алки за следење, како и проценка на ризикот, со цел институциите навремено да реагираат и да спречат повторување на насилството или потешки последици.
Од МВР нагласуваат дека справувањето со семејното насилство бара координирано постапување на сите надлежни институции, но и поголема општествена свесност и поддршка за жртвите.
Новите мерки треба да овозможат побрза заштита на загрозените лица, додека нивната примена ќе зависи од усвојувањето на предложеното законско решение во Собранието.