Поради вонредни околности, САД повторно ги суспендираа сите полетувања на своите аеродроми. Ова е исклучително ретка одлука; пред денешниот ден, Федералната управа за авијација на САД (FAA) презела ваков чекор само двапати претходно – во јануари 2023 година, поради компјутерски дефект, и на 11 септември 2001 година, по терористичките напади врз Њујорк и Вашингтон.
Во јануари 2023 година, откажа клучен систем за пилотите
Најновата суспензија се случи на 11 јануари 2023 година, кога дојде до дефект во системот NOTAM, кој им обезбедува на пилотите клучни безбедносни информации пред полетувањето. Овие информации вклучуваат предупредувања за затворени писти, временски услови и други опасности што би можеле да влијаат врз безбедноста на летот.
Како резултат на дефектот, FAA нареди прекин на сите полетувања на комерцијални авиони низ целата земја. Забраната траеше нешто помалку од два часа, но нејзините последици се чувствуваа во текот на целиот ден.
Според податоците од „FlightAware“ од тоа време, повеќе од 10.000 летови доцнеа, а над 1.300 беа откажани. Нарушувањето ги погоди големите американски авиокомпании, вклучувајќи ги „American Airlines“, „Delta Air Lines“, „United Airlines“ и „Southwest Airlines“. Повеќе од 4.500 авиони беа приземјени по нападите на 11 септември.
Пред тоа, FAA донесе слична одлука на 11 септември 2001 година, откако терористи киднапираа четири патнички авиони и ги искористија за извршување напади врз Светскиот трговски центар во Њујорк и Пентагон во близина на Вашингтон. Четвртиот авион се урна во Пенсилванија откако патниците им се спротивставија на киднаперите.
Во 9:25 часот по локално време, FAA ги забрани сите полетувања на цивилни авиони во САД, а околу дваесет минути подоцна нареди сите авиони што веќе беа во воздух да слетаат на најблискиот соодветен аеродром.
Во тој момент, во американскиот воздушен простор имаше повеќе од 4.500 авиони. До 12:15 часот, сите цивилни авиони беа приземјени. Воздушниот простор на САД остана затворен за редовните комерцијални летови сè до 13 септември, кога воздушниот сообраќај почна постепено да се обновува, при што беа воведени значително построги безбедносни мерки.