Свет

Над 106.000 граѓани на протестите низ Франција

Над 106.000 граѓани на протестите низ Франција

Илјадници граѓани излегоа на улиците низ Франција во текот на вчерашниот ден, барајќи подобри услови за живот, повисоки плати и поголеми инвестиции во образованието и заштитата на животната средина. Протестите на повеќе локации прераснаа во инциденти и судири со полицијата, а беа регистрирани и приведувања.

Според податоците на француското Министерство за внатрешни работи, на демонстрациите учествувале повеќе од 106.000 луѓе низ земјата, од кои околу 24.000 во Париз. Синдикатот на младите, пак, изнесе повисока проценка, тврдејќи дека на протестите се приклучиле околу 200.000 граѓани.

Инциденти биле регистрирани во Париз, Лион, Бордо и Нант. Во француската престолнина, маршот пристигнал до плоштадот „Нацијата“ без поголеми нарушувања на јавниот ред, но подоцна помала група демонстранти почнала да фрла предмети кон полицијата. Безбедносните сили одговориле со употреба на солзавец за растерување на толпата, пренесе „Ројтерс“.

До 17 часот биле приведени 121 лице, од кои 22 во Париз.

Пред одржувањето на протестите, министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез најавил организирање меѓу 50 и 60 собири низ земјата. За обезбедување на демонстрациите биле ангажирани околу 70.000 полицајци и жандарми, исто колку и за претходните три протести, кои започнале на 24 октомври.

На улиците излегле млади луѓе, припадници на движењето „Жолти елеци“, активисти кои се борат против насилството врз децата и адолесцентите, како и организации за заштита на животната средина.

Меѓу главните барања на демонстрантите биле зголемување на платите, издвојување повеќе средства за образованието, подобра заштита на децата и младите, како и преземање поефикасни мерки за зачувување на животната средина.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни