Балкан

Јадранското Море се загрева со алармантна брзина – климатските промени го загрозуваат и туризмот

Јадранското Море се загрева со алармантна брзина – климатските промени го загрозуваат и туризмот

Средоземјето е едно од најголемите светски жаришта на климатските промени, а Јадранското Море е меѓу морињата во кои најбрзо растат просечните и екстремните температури на површинските води.

Додека површината на светските океани од крајот на 19 век се загреала за околу еден степен Целзиусов, во јужниот дел на Јадранот, на одредени места, трендот на загревање на горните 20 метри од морето достигнува околу три степени на век. Најновите истражувања покажуваат дека забрзано се загреваат и длабоките морски води.

Последиците од климатските промени се сè повидливи и на копното. Топлотните бранови стануваат почести и поинтензивни, се зголемува ризикот од суши и пожари, а екстремно високите температури ја зголемуваат смртноста, особено кај повозрасното население.

Климатските промени предизвикуваат огромни економски загуби

Според проценките на Светската банка, економските штети предизвикани од климатските промени во Хрватска во периодот од 1980 до 2021 година во просек изнесувале околу 0,7 проценти од БДП годишно. Најпогодени сектори се туризмот, земјоделството и шумарството.

Николас Ентруп, директор за меѓународни односи во организацијата „OceanCare“, предупредува дека заштитата на крајбрежјето од поплави и зголемување на нивото на морето не може да ја отстрани главната причина за проблемот – глобалното затоплување.

Според анализите изработени за организацијата, доколку емисиите на јаглерод диоксид останат на сегашното ниво, Средоземјето веќе до 2035 година би можело да го исцрпи својот дел од преостанатиот глобален јаглероден буџет.

Потопло море, помалку риби и појава на отровни видови

Зголемувањето на температурата на морската вода сериозно го загрозува и морскиот екосистем. Експертите предупредуваат дека затоплувањето може да доведе до намалување на рибниот фонд, исчезнување на автохтоните видови и појава на тропски, меѓу кои има и отровни морски видови.

Дополнителен проблем претставуваат интензивниот риболов, загадувањето и подводната бучава предизвикана од бродскиот сообраќај.

Меѓу предложените мерки за намалување на штетните последици се ограничувањето на брзината на бродовите, забраната на одредени форми на риболов, запирањето на новите истражувања на нафта и гас во морето и поголемото користење обновливи извори на енергија.

Експертите предупредуваат дека одложувањето на конкретните мерки ќе донесе уште поголеми економски и еколошки последици за сите медитерански земји.

„Последиците ги чувствуваме уште сега. Што ќе се случи за десет години ако затоплувањето продолжи? Треба да дејствуваме заедно, како соседи. Сите сме во ист брод“, порачува Ентруп.

Ноќно студио

Најнова епизода

Продажба или стечај за Алта банка? Ноќно студио со Славко Лазовски 12.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни