Ива Михаилова денеска преку Фејсбук порача дека никој во Бугарија не ја принудувал да прави што било и побара да ѝ се овозможи мирно лекување. Нејзината изјава доаѓа по синоќешното објавување делови од тајно снимени разговори од бугарскиот јутјубер Станислав Цанов, во кои, според него, таа зборува за притисоци од Државната агенција за национална безбедност ДАНС.
„Сакам да нагласам дека никој во Бугарија не ме принудувал да правам што било. Тука добив помош, грижа и поддршка. Ја чувствувам поддршката на целиот бугарски народ и таа ми дава сила секој ден“, напиша Михаилова. Во објавата таа не ги спомнува по име ниту Цанов ниту ДАНС и не се осврнува на конкретните наводи од снимките.
Михаилова наведува дека не сака да биде дел од политички спорови и дека повеќе нема јавно да се изјаснува на оваа тема. Таа истакна дека најважно ѝ е целосно да закрепне, дека се лекува и прави сè за повторно нормално да оди, со порака да ѝ се овозможи да се лекува во мир.
Како што објави 360 степени, во еден од разговорите Михаилова му вели на Цанов: „Рехабилитацијата ми зависи од нив“. Според нејзиниот наводен исказ, откако веќе било договорено интервју со Цанов, од ДАНС ѝ било кажано прво да гостува во емисија кај новинарот Мартин Карбовски, на кого, според нејзините зборови, можеле да му одредат кои прашања да ѝ ги постави. Такво гостување навистина се случи. Доколку претходно говорела на друго место, таа била предупредена дека ќе остане без помош за рехабилитација и за адвокати.
Михаилова се наоѓа во Бугарија, а во Основниот суд во Кочани ѝ се суди во отсуство за сообраќајната несреќа на патот Штип до Кочани, во која загина 33-годишниот Бесим Дурмиши. На рочиштето на 9 ноември судот го одби нејзиното барање да учествува преку видеоврска од Бугарија.