Македонија

Петнаесет случаи на семејно насилство за едно деноноќие, пријавени напади врз сопруги, деца и родители

Петнаесет случаи на семејно насилство за едно деноноќие, пријавени напади врз сопруги, деца и родители

Петнаесет пријави за семејно насилство биле регистрирани во изминатите 24 часа на територијата на државата. Во дел од случаите станува збор за физички напади врз сопруги и партнерки, но пријавени се и закани, насилство врз родители, деца и други членови на семејството. Полицијата постапувала во повеќе градови, а неколку лица биле лишени од слобода.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, на 15 ноември во Охрид бил приведен 31-годишен маж, откако неговата девојка пријавила дека физички ја нападнал. Во Пробиштип, пак, од слобода бил лишен 54-годишен маж по пријава дека во семејниот дом ја нападнал својата 61-годишна сопруга.

Случај на насилство врз поранешна партнерка бил пријавен и во Гостивар, каде што бил приведен 32-годишен маж. Според пријавата, тој физички ја нападнал својата 25-годишна поранешна девојка, државјанка на Турција, која има привремен престој во Гостивар.

Во струмичко, полицијата лишила од слобода 59-годишен маж по пријава дека агресивно се однесувал кон својата 91-годишна мајка и му се заканувал на 63-годишниот брат. Во други два одделни случаи во струмички села, приведени биле уште двајца мажи по пријави дека физички ги нападнале своите сопруги.

Во гостиварско бил приведен и 37-годишен маж, кој според пријавата ја нападнал својата 28-годишна сопруга. Во истиот град, 56-годишен маж бил лишен од слобода по пријава дека му упатувал закани на својот 31-годишен син.

Во Велес, полицијата привела 33-годишна жена по пријава од нејзиниот 36-годишен поранешен невенчан сопруг дека физички го нападнала. Подоцна, и таа пријавила дека била нападната од него.

Два случаи биле регистрирани и во Охрид. Во едниот, 34-годишен скопјанец со престој во Охрид бил лишен од слобода по пријава дека ја нападнал својата девојка. Во Куманово, пак, бил приведен 19-годишник по пријава дека физички го нападнал својот татко.

Полицијата постапувала и по неколку пријави во Скопје. Во еден случај, 65-годишен маж бил повикан на службен разговор по пријава дека ја нападнал својата 62-годишна сопруга во семејниот дом на подрачјето на Бит Пазар.

Во Центар, жена пријавила дека нејзиниот сопруг, со кого се во бракоразводна постапка, физички го нападнал нивниот 16-годишен син. На подрачјето на Карпош, пак, бил пријавен случај во кој 18-годишник им упатувал закани на своите родители.

Уште еден случај бил пријавен во општина Аеродром, каде што 52-годишен маж пријавил дека бил физички нападнат од својата 36-годишна сопруга, која, според пријавата, фрлала предмети кон него и употребила тврд предмет. Тој пријавил и обид за напад врз неговата мајка.

Од МВР информираат дека по сите пријави се преземаат мерки за целосно расчистување и документирање на случаите, по што ќе следуваат соодветни поднесоци.

Од Министерството повторно апелираат граѓаните да не го премолчуваат семејното насилство и навремено да го пријавуваат секој случај. Жртвите, но и сите што имаат сознанија дека некое лице е изложено на насилство, можат да се обратат во најблиската полициска станица или да пријават на телефонските броеви 112 и 192.

Ноќно студио

Најнова епизода

Продажба или стечај за Алта банка? Ноќно студио со Славко Лазовски 12.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни