Македонскиот кардиолог и алпинист Сашко Кедев испиша историја во светскиот алпинизам, откако стана најстарата личност во светот која ги искачила сите 14 планински врвови повисоки од 8.000 метри. Неговиот подвиг е евидентиран во Гинисовата книга на рекорди, со што уште еднаш го афирмираше македонското име на светската спортска сцена.
Кедев го комплетираше предизвикот на 20 јули 2025 година, кога се искачи на врвот Гашербрум I. Во тој момент имал 63 години и 14 дена, со што го постави рекордот за највозрасен алпинист кој ги освоил сите 14 врвови на планетата повисоки од 8.000 метри надморска височина.
Д-р Сашко Кедев, роден на 6 јули 1962 година, зад себе има и уште еден извонреден успех. Тој е најстарата личност која ги искачила сите 14 осумилјадници, но и „Седумте врвови“ – највисоките планински точки на секој од седумте континенти.
Неговиот поход кон освојување на највисоките планини во светот започнал на 14 јануари 2008 година, со искачувањето на Аконкагва во Јужна Америка, а го завршил на 6 ноември 2011 година, со освојувањето на Пункак Џаја, познат и како Пирамида Карстенц, во Океанија.
Четиринаесетте врвови повисоки од 8.000 метри што ги има освоено Кедев се:
Еверест – 19 мај 2009 година
Манаслу – 27 септември 2021 година
Дхаулагири I – 9 април 2022 година
К2 – 22 јули 2022 година
Брод Пик – 29 јули 2022 година
Анапурна I – 15 април 2023 година
Нанга Парбат – 2 јули 2023 година
Чо Оју – 2 октомври 2023 година
Макалу – 5 мај 2024 година
Лхоце – 13 мај 2024 година
Гашербрум II – 22 јули 2024 година
Шиша Пангма – 4 октомври 2024 година
Канченџунга – 23 мај 2025 година
Гашербрум I – 20 јули 2025 година
За своите исклучителни достигнувања, Кедев доби и државно признание. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во ноември минатата година го одликуваше со Орден „8 Септември“, за особените заслуги во медицината и историскиот алпинистички подвиг како прв Македонец кој ги искачил сите 14 светски врвови повисоки од 8.000 метри.
При доделувањето на признанието, Кедев порача дека успехот не го доживува само како личен подвиг, туку и како национален успех, посветен на сите граѓани на Македонија.
„Тоа што ми даде сила беше токму тоа да го однесам македонското знаме и македонското име на сите врвови. Тој успех го посветувам на сите граѓани и сите Македонци каде и да се во светот“, порача Кедев.