Македонија

Петрова-Чамова: Засега нема индиции дека бугарските служби вршеле притисок врз Ива Михајлова

Петрова-Чамова: Засега нема индиции дека бугарските служби вршеле притисок врз Ива Михајлова

Бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова не гледа докази дека Ива Михајлова била изложена на притисок од бугарските безбедносни служби. Таа оцени дека информациите за наводни закани и условувања се нејасни, особено по демантот што Михајлова го објави на социјалните мрежи.

Изјавата на министерката следува по објавувањето на тајно снимени разговори од бугарскиот јутјубер Станислав Цанов. Во нив, Михајлова тврди дека била под притисок од бугарската Државна агенција за национална безбедност – ДАНС.

Според нејзините наводи, од неа било барано првото интервју да го даде кај конкретен новинар, а во спротивно можела да ја изгуби финансиската помош за лекување и правната заштита.

„Колку што видов од изјавата на Ива Михајлова, таа самата тврди дека не била изложена на притисок, така што за мене е малку загадочно од каде се појави таквата информација“, изјави Петрова-Чамова.

Министерката нагласи дека случајот не е во надлежност на Министерството за надворешни работи. Таа изрази сомнеж и во однос на најавите дека случајот ќе биде пријавен пред европските институции, прашувајќи што конкретно би им било презентирано.

Во меѓувреме, Михајлова преку социјалните мрежи ги отфрли тврдењата дека некој во Бугарија ја принудувал на нешто. Таа порача дека таму добила помош, грижа и поддршка, додавајќи дека сака во мир да продолжи со лекувањето и закрепнувањето.

Обвинувањата ги отфрли и бугарската ДАНС, додека дел од опозицијата побара истрага за случајот и одговорност од раководството на агенцијата.

Ноќно студио

Најнова епизода

Продажба или стечај за Алта банка? Ноќно студио со Славко Лазовски 12.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни