Народната банка ја објави постапката за продажба на доминантниот акционерски пакет во „АЛТА банка“ АД Битола, со цел да се најде нов сопственик и да се создадат услови за натамошно стабилно работење на банката.
На продажба се понудени 372.742 обични акции, односно 95,336 проценти од вкупниот број акции, во сопственост на „Алта банка“ АД Белград – во стечај.
Првата јавна берзанска аукција е закажана за 30 ноември 2026 година, а продажбата ќе се спроведе преку Македонската берза на хартии од вредност.
Почетната цена изнесува 3.777 денари по акција и, според Народната банка, е утврдена врз основа на тековната берзанска цена. Со тоа, вкупната почетна вредност на понудениот пакет изнесува околу 1,408 милијарди денари.
Продажбата ќе се одвива по моделот „сè или ништо“. Тоа значи дека заинтересираниот купувач ќе треба да го купи целиот понуден пакет, без можност да преземе само дел од акциите.