Македонија

Крај за паузите на опозициските прашања – Гаши најави два часа ефективно испрашување на Владата

Крај за паузите на опозициските прашања – Гаши најави два часа ефективно испрашување на Владата

Без непотребни паузи и со два часа ефективни прашања до министрите – вака во иднина ќе се одвиваат собраниските седници посветени на опозициските прашања, најави претседателот на Собранието, Африм Гаши.

Одлуката следува по последната неуспешна седница, на која поради две едночасовни паузи не беше поставено ниту едно прашање до министрите.

Првата пауза ја побара координаторката на пратеничката група на ДУИ, Рина Ајдари, поради отсуството на министрите во собраниската сала, додека втората беше на барање на пратениците на ЗНАМ. Ваквиот развој на настаните предизвика и жестока расправија во законодавниот дом.

Гаши на денешниот брифинг со новинарите соопшти дека со координаторите на пратеничките групи е постигнат договор паузите да се користат само кога за тоа има суштинска потреба.

„Паузи нема да има, освен ако не се суштински. Ќе има два часа ефективни прашања“, рече Гаши.

Во однос на присуството на министрите, собранискиот спикер оцени дека состојбата е значително подобрена, посочувајќи дека речиси сите членови на Владата редовно присуствуваат на седниците.

Гаши додаде дека повеќепати им укажувал на министрите за потребата од нивно присуство, но дека неговите овластувања во тој поглед се ограничени.

Опозицијата повторно ќе има можност да ја испрашува Владата кон крајот на месецов, за што е постигната согласност меѓу сите пратенички групи.

Во меѓувреме, Собранието го очекува динамичен декември. На дневен ред се очекува да се најдат интерпелацијата на министерот за локална самоуправа, Законот за трансформација на работните односи, како и повеќе други законски решенија. До крајот на 2026 година се предвидува и уште една седница за пратенички прашања.

Ноќно студио

Најнова епизода

Продажба или стечај за Алта банка? Ноќно студио со Славко Лазовски 12.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни