Балкан

Што ќе се случи со Коста кога ќе наполни 18 години? Мајка на убиено девојче од „Рибникар“ бара одговори

Што ќе се случи со Коста кога ќе наполни 18 години? Мајка на убиено девојче од „Рибникар“ бара одговори

Три и пол години по масакрот во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“, Србија сè уште нема трајно решение за сместувањето на Коста К., кој уби девет ученици и училишниот чувар.

Нинела Радичевиќ, мајка на убиената Ана Божовиќ, предупредува дека момчето следното лето ќе наполни 18 години, а надлежните институции сè уште немаат конкретен одговор за неговата иднина.

„Тој следното лето полни 18 години. Тоа значи дека повеќе не може да биде на детска психијатрија и неврологија, дури и да сака. Што ќе се случи со него? Дали државата има решение? Што точно планирате да направите со тој монструм?“, праша Радичевиќ во интервју за српската агенција ФоНет.

Прашањето за неговото сместување повторно се актуализираше откако другите пациенти беа преместени од Клиниката за неврологија и психијатрија за деца и младинци во Белград поради оштетувања на објектот, додека Коста останал во установата.

Според српските медиуми, оштетувањата настанале поради хаварија на водоводните цевки, оштетување на дел од темелите и слегнување на земјиштето.

Радичевиќ изрази незадоволство и од односот на институциите кон семејствата на жртвите, оценувајќи дека јавноста сè помалку се интересира за случајот, иако бројни прашања остануваат нерешени.

„Навистина доаѓам до заклучок дека нашиот случај ‘Рибникар’ повеќе никого не го интересира или се смета дека сè е решено како што треба. Владее целосен молк кога станува збор за ‘Рибникар’“, изјави таа.

По нејзините реакции, агенцијата ФоНет побара одговор и од Студентската листа, која планира да учествува на изборите во Србија. Оттаму посочиле дека со ова прашање ќе се занимаваат надлежните институции по евентуалното формирање нова влада, но не понудиле конкретно решение.

Коста К. имаше само 13 години кога на 3 мај 2023 година во основното училиште „Владислав Рибникар“ уби девет ученици и училишниот чувар, а рани уште шест лица.

Бидејќи во моментот на извршувањето на злосторството немал наполнети 14 години, согласно српското законодавство, не можел кривично да одговара, по што бил сместен во психијатриска установа.

И покрај претходните најави за законски измени, неговото претстојно полнолетство повторно го отвора прашањето за правниот статус, понатамошното лекување и трајното сместување.

Ноќно студио

Најнова епизода

Продажба или стечај за Алта банка? Ноќно студио со Славко Лазовски 12.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни