Македонија

Хаџи Василева: Нема оформен предмет за Алта банка, но се вршат прелиминарни проверки на финансиските текови

Хаџи Василева: Нема оформен предмет за Алта банка, но се вршат прелиминарни проверки на финансиските текови

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција нема оформено предмет во предистражна постапка за случајот со Алта банка, но се вршат прелиминарни проверки во однос на одредени индиции за финансиските текови, откри шефицата на ОЈО ГОКК, Искра Хаџи Василева, во интервју за „360 степени“.

Таа истакна дека Обвинителството будно ги следи случувањата, но дека, според досегашните информации, не е утврдена настапена штетна последица за граѓаните или за државата.

„Во дадениот момент, од она што го следиме, не е настапена штетна последица, што не значи дека не постојат одредени индиции за финансиски текови“, посочи Хаџи Василева, додавајќи дека е прерано да се откриваат детали за проверките.

Таа откри и дека српските обвинители, каде што, според достапните информации, истрагата е во понапредна фаза, досега не се обратиле до македонското обвинителство со барање за меѓународна правна помош.

Во однос на ограничувањата со кои се соочуваат клиентите на банката при располагањето со сопствените средства, Хаџи Василева апелираше до институциите кои располагаат со превентивни и регулаторни механизми да реагираат навреме за да спречат евентуални штетни последици.

На прашањето дали Обвинителството треба да ја испита постапката во која Народната банка дала одобрение за преземање на Стопанска банка Битола од страна на Алта банка Србија, Хаџи Василева посочи дека во моментов нема доволно основа за испитување на овие прашања од кривично-правен аспект.

Таа нагласи дека евентуалното прекршување на законските одредби и стандардите што се однесуваат на банкарското работење не подразбира автоматски и кривична одговорност.

„Во однос на прашањето за Алта банка, многу аспекти се отвораат во јавноста, а кривично-правно, она што може да биде фокус во смисла на јавнообвинителска работа е потесен домен“, истакна Хаџи Василева.

Шефицата на ОЈО ГОКК потврди дека во однос на индициите за финансиските текови се вршат прелиминарни проверки, но поради раната фаза и чувствителноста на случајот не откри повеќе детали.

Ноќно студио

Најнова епизода

Продажба или стечај за Алта банка? Ноќно студио со Славко Лазовски 12.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни