Производството на шумски сортименти во државните шуми бележи раст во третото тримесечје од годинава, пред сè благодарение на значителното зголемување на производството на трупци. Во периодот јули – септември биле произведени вкупно 146.000 кубни метри, што е за 4,8 проценти повеќе во споредба со истиот период лани.
Според податоците на Државниот завод за статистика, производството на трупци бележи најголем пораст, односно за 40,4 проценти. Наспроти тоа, кај сите останати видови шумски сортименти е регистрирано намалување.
Во вкупното производство најголемо учество има огревното дрво, со 103.892 кубни метри, додека количината на произведени трупци изнесува 40.650 кубни метри.
Раст е забележан и кај продажбата на шумски сортименти. Во третото тримесечје од 2026 година биле продадени вкупно 147.490 кубни метри, што претставува зголемување од 1,6 проценти во однос на истиот период од претходната година.