Балкан

Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа на „Алта лизинг“ – следува ликвидација

Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа на „Алта лизинг“ – следува ликвидација

Народната банка на Србија на вчерашната седница на Извршниот одбор донела решение за одземање на дозволата за вршење работи на финансиски лизинг на друштвото „Алта лизинг“, како и решение со кое се утврдува дека се исполнети условите за започнување постапка за ликвидација на ова друштво, соопшти НБС.

Од Народната банка на Србија истакнуваат дека овие одлуки нема да влијаат врз стабилноста на финансискиот систем на Република Србија. „Алта лизинг“ не е банка, туку друштво кое се занимава со финансиски лизинг и не прима депозити од граѓаните и стопанството.

Одлуките се донесени како последица на одземањето на дозволата за работа на „Алта банка“ – во стечај, која е единствен сопственик на „Алта лизинг“.

Во согласност со Законот за финансиски лизинг, Народната банка оценила дека „Алта банка“ – во стечај, како единствен основач на друштвото, повеќе не ги исполнува пропишаните услови во однос на задоволителната финансиска состојба и позитивно оценетата деловна репутација. Со тоа се исполнети законските услови за одземање на дозволата за вршење финансиски лизинг, се наведува во соопштението на НБС.

Законот за финансиски лизинг предвидува дека Народната банка, истовремено со одземањето на дозволата, утврдува дали се исполнети условите за започнување постапка за ликвидација или стечај на друштвото кое дава лизинг.

Оваа процена барала детална анализа на состојбата со имотот и обврските на друштвото по одземањето на дозволата за работа на банката-основач. Анализата покажала дека имотот на друштвото ја надминува вредноста на неговите обврски, што овозможува спроведување ликвидација наместо стечај, како поповолно решение за доверителите и корисниците на лизинг.

Со решението за одземање на дозволата, Народната банка истовремено изрекла и мерка за забрана за располагање со имотот на лизинг-друштвото. Забраната ќе важи до отворањето на постапката за ликвидација пред надлежниот стопански суд.

Во согласност со Законот за финансиски лизинг, функцијата ликвидационен управник ќе ја врши Агенцијата за осигурување депозити.

Од Народната банка појаснуваат дека од денот на уписот на решението за одземање на дозволата, „Алта лизинг“ нема да може да склучува нови договори за финансиски лизинг. Правата и обврските од договорите склучени до тој ден остануваат непроменети.

„Правните работи склучени во име и за сметка на ова друштво во периодот од донесувањето на решението за одземање на дозволата до отворањето на постапката за ликвидација се ништовни“, наведуваат од централната банка.

Посебно нагласуваат дека започнувањето на ликвидацијата не ги ослободува корисниците на лизинг и другите должници од обврската редовно да ги подмируваат договорените обврски. Сите обврски кон „Алта лизинг“ и понатаму мора да се исполнуваат согласно условите од склучените договори.

Ненавременото плаќање, под условите предвидени во договорите, може да доведе до раскинување на договорот и доспевање на сите преостанати обврски.

Корисниците на лизинг треба да продолжат со плаќањата на сметката 105-0000003084086-19 во АИК банка, со наведување на постојниот повикувачки број или бројот на договорот за лизинг.

Дополнителни информации ќе можат да добијат од Агенцијата за осигурување депозити, која ќе ја преземе функцијата ликвидационен управник по донесувањето на решението од Стопанскиот суд во Белград.

Ноќно студио

Најнова епизода

Продажба или стечај за Алта банка? Ноќно студио со Славко Лазовски 12.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни