Македонија

Андоновски: Кој нема да ја прифати вештачката интелигенција ризикува да остане во стагнација

Андоновски: Кој нема да ја прифати вештачката интелигенција ризикува да остане во стагнација

Вештачката интелигенција станува еден од клучните фактори за економскиот развој, а компаниите и државите што нема да се приспособат на новите технологии ризикуваат да заостанат. Потребата од побрза дигитализација, инвестиции во инфраструктура и развој на нови вештини беше во фокусот на конференцијата на МАСИТ „Употребата на вештачката интелигенција како агент“.

Пред почетокот на конференцијата, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски порача дека навременото прифаќање и користење на вештачката интелигенција може да им овозможи на компаниите и државите забрзан развој, додека оние што нема да ги следат технолошките промени ризикуваат да стагнираат.

Тој посочи дека Владата продолжува да ја поддржува ИКТ-индустријата преку проектите „Дигит Мак“ и „Инофејт ЕДИХ“, наменети за дигитална трансформација на малите и средните претпријатија. Во наредниот период, како што најави, ќе продолжи поддршката за дигитализација на бизнисите, обуки и воведување алатки базирани на вештачка интелигенција.

Говорејќи за примената на новите технологии во јавната администрација, Андоновски го посочи проектот „Везилка“, чија вредност надминува 5,5 милиони евра. Преку него се работи на развој на голем јазичен модел на македонски јазик, кој треба да најде примена и во јавниот сектор.

Планот предвидува најпрво обуки за вработените во институциите, а потоа и практично користење на алатките во секојдневното работење. Андоновски информираше дека веќе се потпишани меморандуми за соработка со Собранието и Министерството за образование.

Како значаен предизвик за развојот на вештачката интелигенција во земјава, министерот го издвои недостигот од големи податочни центри. Според него, неопходно е привлекување инвестиции и изградба на Национален центар за податоци, со што би се создала сопствена инфраструктура за развој и обработка на податоци.

Сепак, тој оцени дека македонскиот ИТ-сектор не заостанува зад европските земји кога станува збор за талентот, знаењата и вештините.

Андоновски се осврна и на безбедноста на личните податоци во апликацијата „м-Услуги“. Посочи дека податоците од електронските лични карти и возачките дозволи веќе се чуваат во системите на Министерството за внатрешни работи и дека не се префрлаат на нова локација. Во тек е подготовка на безбедносните протоколи за апликацијата, а очекува прашањето да биде решено до крајот на годината.

Претседателот на МАСИТ, Јордан Димитровски, оцени дека вештачката интелигенција веќе не е технологија на иднината, туку реалност што го менува начинот на функционирање на компаниите и економијата.

Тој се повика на истражувања на „Stack Overflow“, според кои повеќе од 85 проценти од ИТ-професионалците веќе користат алатки за вештачка интелигенција.

Димитровски го посочи и предизвикот со вклучувањето на младите инженери на пазарот на трудот, нагласувајќи дека е потребно поголемо присуство на практична настава и користење современи технолошки алатки уште во текот на студиите.

Според него, развојот на вештачката интелигенција не значи нужно губење на работните места, туку трансформација на постојните професии и потреба од преквалификација на работниците.

Како области во кои веќе недостига квалификуван кадар ги посочи сајбер-безбедноста и науката за податоци. Тој нагласи дека новите технологии ќе создадат побарувачка и за дополнителни знаења, но и за нови професии.

Ноќно студио

Најнова епизода

Продажба или стечај за Алта банка? Ноќно студио со Славко Лазовски 12.11.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни