Во живо Live емисија Гледај
Македонија

Стојков за трагедијата во „Пулс“: Најголема одговорност има полицијата, институциите потфрлија, а нашите деца платија со животите!

Стојков за трагедијата во „Пулс“: Најголема одговорност има полицијата, институциите потфрлија, а нашите деца платија со животите!

Томче Стојков, татко на загинато дете во трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ упати остри критики до државните институции, обвинувајќи ги за сериозни пропусти и неодговорност кои, според него, придонеле за катастрофата.

Стојков истакна дека семејствата на загинатите очекувале многу поголема поддршка од државата, Владата и надлежните институции. Иако на почетокот добиле уверувања дека случајот итно ќе се расчисти и дека секој што постапувал несовесно ќе одговара, тој смета дека очекувањата на родителите не се исполнети.

„Имавме средби со премиерот, со министерот за внатрешни работи, со претседателката. Добивме уверувања дека нашата ситуација итно ќе биде разгледана и дека секој што сноси одговорност ќе одговара“, посочи Стојков.

Тој оцени дека трагедијата во Кочани е последица на долгогодишно нефункционирање на институциите, бирократија, корупција и отсуство на одговорност. Според него, објектот со години функционирал незаконски, а надлежните не преземале соодветни мерки.

Особено остри беа неговите критики кон полицијата, за која смета дека направила најголеми пропусти вечерта на трагедијата.

„Според нас, родителите, за таа вечер и за катастрофата што се случи, највиновна е полицијата со нејзините пропусти, затоа што требало да не дозволи да се одржи концертот и немало да дојде до таква катастрофа“, изјави Стојков.

Тој нагласи дека одговорност треба да се бара и кај сите институции кои во изминатите години биле задолжени да го контролираат работењето на објектот. Воедно, изнесе обвинувања за наводна корупција и блиски односи меѓу сопственикот и одговорни лица во институциите.

Стојков порача дека родителите бараат вистинска правда, целосно расчистување на случајот и одговорност за сите што со своето постапување или непостапување придонеле за трагедијата.

„На крајот, данокот на таа црна берза го платија младите деца со своите животи“, рече Стојков во „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Ноќно студио

Најнова епизода

Една година од почетокот на судењето за „Пулс“ – кои одговори ги чекаат родителите? | Ноќно студио

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни